Либерално-демократската партија (ЛДП) соопшти дека ќе иницира итна средба со премиерот Христијан Мицкоски и неговиот тим за меѓународна соработка за да биде информирана какви сѐ напори вложи и која е Стратегијата на Владата во последните месеци во однос на евроинтеграциите.
Партијата во соопштение наведува дека премиерот бил „во право денес кога во Парламентот на одговор на пратеничко прашање истакна дека ЛДП е една од ретките партии во земјата и во Собраниетo што е целосно интегрирана во европското и меѓународното политичко семејство и може да помогне“.
Со оглед на тоа што премиерот го оценил како позитивно и значајно влијанието на ЛДП, партијата на Моника Зајкова ќе бара итна средба за, како што наведува, да разберат каква е моменталната состојба и како тие можат да помогнат во овој процес.
-Наша должност е како македонски граѓани и политичари во Македонија да бидеме во служба на народот и во интерес на граѓаните. Тие интереси се силни и праведни државни институции на земјата кои се одговорни и отчетни, просперитет и напредок што водат кон европски економски стандарди, како и еднаквост меѓу европските нации со статус на полноправни членки на Европската Унија. Ние ќе продолжиме уште посилно да работиме и лобираме врз основа на информациите што ќе ни ги дадат премиерот и неговиот тим, како и врз основа на ресурсите кои сообразно ќе бидат ставени на располагање, соопшти Либерално-демократската партија.