Македонската православна црква – Охридска архиепископија одбележува 1700 години од Првиот вселенски собор на кој присуствувале и тројца македонски епископи: Александар, Епископ на Солун, Будиј, Епископ на Стоби и Дакиј, Епископ на Скупи. Чествувањето ќе биде во археолошкиот локалитет „Стоби“, каде што денеска ќе биде отслужена Света Божествена литургија, со која ќе чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со повеќе македонски архијереи и со бројно свештенство.
Првиот Вселенски собор се одржал во градот Никеја, во областа Витинија во Мала Азија, во 325 година за време на владеењето на светиот цар Константин Велики (305-337). Овој собор бил свикан за да се отстрани забуната што Ариј, свештеник од Александрија, ја создал со своите лажни учења. Имено, тој го ширел учењето дека Господ Христос, Синот Божји, не е вистински Бог, туку дека е создаден од Бога во времето, и затоа не е превечен Син Божји, еднаков по суштина и битие на Бога Отецот. Поради ваквото учење на Ариј, тој прво бил осуден од неговиот епископ, Свети Александар Александријски (и тоа двапати: во 319 и 323 година на соборите во Александрија), но Ариј не го послушал ова, туку дури и поттикнал некои од неговите пријатели и истомисленици епископи да поведат борба против Свети Александар и Православието што тој го претставувал. Кога чул за овој спор, царот Константин го испратил во Александрија стариот и искусен епископ Хосиј, од градот Кордоба во Шпанија, но бидејќи не бил воспотавен мир во Црквата, светиот цар ги повикал сите епископи во градот Никеја во мај 325 година.
На овој собор учествувале околу 318 свети отци, меѓу кои биле: Свети Хосиј, како претседател на соборот, Свети Александар Александриски и неговиот ѓакон Свети Атанасиј Велики (кој подоцна станал епископ Александриски и најголем борец за православието против ариевата ерес), потоа Свети Евстатиј Антиохиски, Свети Јаков Низибиски, Свети Никола Мирликиски, Свети Спиридон Тримитунски, Свети Ахилеј Лариски, Свети Пафнутиј Тиваиски, Свети Макариј Ерусалимски, Свети Александар Солунски, Евсевиј Кесариски, Јован Персиски, Аристарх Ерменски и многу други од Истокот. А од Запад, покрај Свети Хозиј, биле: Теофил Готски, Кекилиј Картагински, претставници на Свети Силвестер Римски и други.
Соборот го осуди учењето на Ариј, а наго и неговите поддржувачи ги предаде на анатема, бидејќи ниту тој ниту тие сакале да се покаат. Затоа биле протерани од царот во Илирик, т.е. на Балканот. Потоа Светиот Вселенски собор, со божествена мудрост, ја образложил и изразил вистинската вера на Црквата Христова за Него како вистински и вечен Син Божји и Бог, што Црквата ја има од самиот почеток од Господ и Светите апостоли. Накратко изложена, таа вера во Светата Троица, во Синот Божји и Неговото овоплотување заради нашето спасение, се нарекува Симбол на верата и главната задача на овој собор била да го воспостави тој Симбол на верата, еден и единствен за сите верни. Светиот собор конечно го утврди вселенскиот Симбол на верата, но бидејќи на овој собор било само накратко споменато за Светиот Дух, на Вториот Вселенски собор во 381 година во Цариград Симболот на верата е дополнет и дефинитивно запечатен, така што стана и остана непроменлив низ сите векови, исто како што правилната (православна) вера на Црквата остана непроменета и непроменлива низ сите векови. (Подоцна, Латините, Римокатолиците, во 11 век, почна да го менуваат Симболот на верата, поради што потоа отпаднаа од Православната Црква).
Покрај тоа, Првиот Вселенски собор го утврди и точното време за прославување на Христовата Пасха = Велигден, заедничко за сите христијани и сите помесни Цркви (но Латините подоцна го променија и ова). Соборот конечно пропиша и 20 свети канони за управувањето во Црквата Христова и за начинот на христијанскиот живот и однесувањето во него.
Историја на Вселенските собори
Во досегашната историја на Црквата се одржани седум Велики Вселенски собори. Првиот Вселенски собор, се одржал во Никеја во 325 година, а повод за него било еретичкото учење на Ариј, кој Господа Исуса Христа Го сметал за создание, а не за предвечен Син Божји, како што учат православните Отци на Црквата. Никејскиот Собор, според зборовите на Св. Атанасиј Велики, е „разобличување на секаква ерес… бидејќи тој ја исповеда совршената и потполна вера во Света Троица… вера во којашто и ние се крштеваме и преку која се соединуваме со Бога“. На тој Собор е составен Символот на верата, кој потоа е дополнет на Вториот Вселенски Собор.
Вториот Вселенски собор е одржан во Цариград во 381 година. Повод за неговото свикување била духоборната ерес, чиишто претставници тврделе дека Светиот Дух е создание, а не Бог. Црквата го отфрлила нивното учење и го дополнила Никејскиот Символ на верата, проширувајќи го осмиот член во којшто се нагласува дека на Светиот Дух Му припаѓа истата слава и поклонение како и на Отецот и Синот, со други зборови, дека според божеството е со иста чест како Отецот и Синот. Поради ова надополнување, како и поради изразувањето на верата во Црквата, едно Крштение, Воскресение и живот на Идниот век, востановениот Символ на верата се нарекува Никејско-Цариградски.
Третиот Вселенски собор се одржа во Ефес во 431 година за да ги потврди одлуките на претходните Собори и да ја одбрани верата на Црквата од Несториевата ерес. Несториј сметал дека и на Божествената и на човечката природа Христова треба да ѝ припаѓа по една личност. Отците на Третиот Собор го отфрлиле неговото учење со кое би се внела поделба во Личноста на Господ Христос. На овој Собор е потврдено дека Господ Исус Христос е Една Личност со две природи: Божествена од вечноста, од Отецот и човечка, која ја примил во времето од Пресвета Богородица.
Несториј исто така велел дека Пресвета Дева Марија не Го родила Бога, туку човекот Исуса и затоа не Го прифатил називот Богородица, туку ја нарекол човекородица или Христородица. Бидејќи Исус нема човечка личност и бидејќи мајката може да биде само „нечија“ мајка, а не мајка на нешто, т. е. на природа, Марија Дева е навистина Мајка Божја, односно Богородица.
Несториевата заблуда во врска со Богородица произлегла од неговиот страв на Дева Марија да не ѝ се припишат божествени особини. Исповедајќи дека Дева Марија е Богородица и дека Го родила Бога во тело, Црквата сепак, не ѝ дава особини на божица. Таа не Го родила предвечниот Бог по Божествената природа, туку Бога Словото по човечката природа. Слегувајќи на земјата, Он зеде облик на човек, но не престана да биде бесмртен Бог, Кој од вечноста е во заедница со Отецот и Духот Свет.
Четвртиот Вселенски собор е одржан во Халкидон во 451 година поради монофизитската ерес. Монофизитите (μόνη φύσις – една природа), го застапувале ставот дека Христовата човечка природа во Овоплотувањето до таа мера се слеала со Божествената што потполно се изгубила во неа. Православната Црква своето учење во врска со оваа догма го формулирала во таканаречениот „Орос“ (одлука), во кој е наведено дека Христос е овоплотениот Син Божји и Слово, Една Личност со две природи: Божествена, со која е едносуштен на Отецот; и човечката, после овоплотувањето, со којашто постана едносуштен со нас. Монофизитите поради своето погрешно учење направиле раскол во Црквата и останале до ден денес отцепени од неа (Копти, Етиопјани и Ерменци).
Петтиот Вселенски собор го свикал цар Јустинијан во 553 година во Цариград за на него уште еднаш да се потврди учењето на Црквата за Господ Христос како овоплотен Син Божји. Во одлуките на Соборот се кажува за Исус Христос како за една Личност со две природи, така што по соединувањето, кое се случило со овоплотувањето, природата на Словото не се претворила во природа на телото, ниту природата на телото се претворила во природата на Словото. Цар Јустинијан ја напишал познатата Литургиска химна „Единороден Сине“ што зборува за Синот Божји Кој се овоплоти, беше распнат на Крстот и смртта ја победи, останувајќи и понатаму Еден од Света Троица.
Шестиот Вселенски собор е одржан во Цариград кон крајот на 680 година и почетокот на 681 година. Повод за овој Собор биле монотелитската ерес (μόνο θέλημα = една волја) и моноенергитската ерес (μόνη ἐνἐργεια = една енергија). Поддржувачите на овие учења погрешно сметале дека Господ Христос имал една волја и една енергија. Наспроти нив, Свети Максим Исповедник велел дека во Христос постојат две природи и според тоа две природни волји и енергии, Божествена и човечка. Овие две волји и енергии се во меѓусебно општење и проникнување, а Едната Личност на Христос Богочовекот ги придвижува Своите природни волји и енергии и дејствува во нив.
Седмиот Вселенски собор се одржал во Никеја во 787 година, а како повод му била иконоборната ерес. Иконоборците биле против почитувањето на светите икони во Црквата, тврдејќи дека тоа е грев на идолопоклонство. Бранителите на светите икони, Свети Јован Дамаскин и Свети Теодор Студит, истакнувале дека почитувањето на иконите е можно и правилно, бидејќи Синот Божји примил човечко тело: „Словото стана тело“ (Јован, 1, 14), и затоа како Овоплотен Бог може и да се наслика. Оние коишто ги отфрлале иконите, го отфрлале и Христовото Овоплотување и го сметале за привид и фантазија.
Извор: МПЦ-ОА/Здравко Пено/Светиогора) / МИА