Мицкоски е невиден лицемер, навечер ги навредува родителите, нарекувајќи ги политичка партија, а наутро вели „заедно сме“. Врв на ароганција и дволичност тоа што Мицкоски ја демонстрира не само кон родителите во Кочани, туку и кон сите граѓани кои се сè уште во шок по трагедијата што ја зави Македонија во црно, соопштуваат од СДСМ.
„На партиски митинг, навечер, од петни жили ги етикетира родителите како партиски инструменти. Веќе следното утро, се обидува да ги правда со празни фрази и декларативна „поддршка“. Очигледно, Мицкоски е изгубен во сопствената реторика — без компас, без стабилност, во постојана внатрешна криза. Кога виде дека со закани не постигнува ништо, премина на манипулација и барање разбирање. Дели лажни ветувања надевајќи се дека ќе го амортизира гневот на народот.
Цела Македонија е згрозена. Односот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кон трагедијата и семејствата на загинатите е срам за секој што се нарекува лидер. Не поддржа закон за финансиска помош. Не понуди елементарни услови за лекување. Ги заштити од прогон сите негови партиски функционери. Не најде сила да ги погледне луѓето во очи и да се соочи со реалноста пред Собранието. Со еден збор — кукавица.
Од луѓе како Мицкоски, кои немаат грам емпатија дури ни во вакви тешки моменти, Македонија не може да очекува ништо добро. За него, манипулациите, поделбите и навредите се алатки за одбрана на личниот рејтинг — наместо да покаже човечност, одговорност и лидерство“, се наведува во партиското соопштение.
Ова е заедничка борба, ниту повредените, ниту семејствата на починатите во трагедијата во Кочани не се сами, порача Владата
Трагедијата во Кочани во која животот го загубија 62 млади лица е од невидени размери, велат од Владата и посочуваат дека како Влада имаат обврска покрај целосна истрага и расветлување на случајот, носење на сите инволвирани лица пред правдата, да обезбеди соодветна здравствена заштита и медицинска помош на сите повредени и нивни семејства.
Премиерот Мицкоски изјави дека случајот со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ нема да го политизира, туку како што рече како Влада ќе сторат се што е во нивна моќ за семејствата на настраданите и за Општина Кочани. Тој најави дека наскоро ќе го објават и проектот кој е планиран за градот и на кој се работи заедно со ЕУ.
-Јас никогаш нема да го политизирам овој случај и како Влада ќе сториме се што е во наша моќ тоа да го направиме. И работам на еден таков проект, заедно со канцеларијата на Европската унија. Се надевам дека многу скоро до крајот на месецот ќе го објавиме – големината на овој проект и што ќе опфаќа овој проект за Кочани. Така што болката кај сите нас, а посебно кај родителите на загинатите луѓе од таа ужасна несреќа и на оние повредените ќе трае цел живот. Тоа не е сентимент, којшто се губи преку ноќ. Но ние како Влада имаме обврска и одговорност кон сите граѓани да се бориме за правдата и, правда како што гледате за разлика од принципот до сега, веќе има, изјави Мицкоски.