Утре, 12 јуни, со почеток во 12 часот, во големата сала на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе биде промовирана колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ – прва национална монографија посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји, издание на Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и на Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац.
На промоцијата, свечено обраќање ќе одржи ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, а поздравно обраќање ќе има деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, проф. д-р Владимир Мартиновски. Промотори на монографијата ќе бидат проф. д-р Венко Андоновски, дописен член на Македонската академија на науките и уметностите и редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и директорката на Институтот за македонска литература, проф. д-р Наташа Аврамовска. Пред присутните ќе се обратат и редакторите на монографија, проф. д-р Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац и проф. д-р Славчо Ковилоски од Институтот за македонска литература, додека од името на авторскиот тим ќе се обрати проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Работата на изданието е производ на повеќегодишната работа на неколкумина македонски членови на Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет. Автори на монографијата се научните истражувачи од Институтот за македонска литература: Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска, професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски и Трајче Стамески, како и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац.
Станува збор за прво издание од ваков вид во и за македонската литература. Mонографијата е објавена како трета книга од серијата „Словенска стилистика“. Првиот авторски тим што успеа да го заврши овој потфат е македонскиот, со што изданието стана првата национална монографија посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји.
Во извесна мера, ова издание би можело да послужи и како своевидна историја на македонската книжевност, со оглед на тоа што во него е опфатена целокупната македонска литература, почнувајќи од раниот среден век па сѐ до денес. Посветено е значително внимание на поетиката на македонската поезија, на романите, на драмите, на расказите, на критиката и на другите книжевни жанрови, без разлика дали се оригинални или преведени дела.
Како рецензенти на колективната монографија се јавуваат: Венко Андоновски, Маја Јакимовска-Тошиќ, Валентина Миронска-Христовска, Лорета Георгиевска-Јаковлева и Јасмина Мојсиева-Гушева. Освен нив, на најразлични начини, за потребите на изданието беа вклучени и други лица: Марија Пандева, Елена Пренџова, Владимир Цветкоски и Татјана Б. Ефтимоска.
Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ е објавена годинава, а веќе е дел од фондовите на клучни славистички центри во светот. Монографијата веќе беше промовирана на Универзитетите во Задар и во Бања Лука, по што ќе следуваат промоциите во Париз и Мадрид. Ова е прва промоција на изданието во Македонија.