Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА) денеска на редовна седница во полн состав едногласно го избра архимандритот г. Георгиј (Ѓорѓевски) за митрополит на Дебарско-кичевската епархија, изјави порпаролот на Синодот, епископот Климент.
-Светиот архијерејски синод, исто така, го разгледа и предлогот на Претседателот на САС на МПЦ – ОА, Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, за избор на иден Митрополит на упразнетата Дебарско-кичевска епархија. Раководен од Светиот Дух, Светиот архијерејски синод едногласно и еднодушно го избра Неговото Високопреподобие архимандритот г. Георгиј (Ѓорѓевски) за Митрополит на Дебарско-кичевската епархија при Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Достоен!, истакна епископот Климент.
Наречението на новоизбраниот митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 12 јули, на Петровден, во храмот „Св. Климент Охридски и Св. Пантелејмон“ на Плаошник, а епископската хиротонија и интронизацијата за митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 13 јули, на Павловден, во Соборниот храм на Охридските архиепископи „Св. Софија“ во Охрид.
Епископот Климент одговарајќи на новинарско прашање нагласи дека на седницата не се зборувало за барањата на верници, кои одржаа мирни собири минатата недела во Охрид, Скопје и во Кичево со барање за изборот на епископот антаниски Партениј за нов охридски владика. Портпаролот на Синодот на прашањето за иднината на епископот Партениј изјави дека очекуваат и се надеваат дека тој ќе продолжи да му помага како помошен викарен епископ на новоизбраниот Георгиј.
На денешната седница, како што информираше епископот Климент, Синодот разгледал повеќе прашања и настани поврзани со животот на Црквата, при што ги разгледал и ги усвоил годишните извештаи од епархиите на МПЦ – ОА во татковината и дијаспората, а неколку свештенослужители удостоил со повисоки црковни чинови.
На прашањето дали Синодот ќе се се осврне на односите со Вселенската патријаршија на оваа седница, епископот Климент изјави дека вчера му било именден на вселенскиот патријарх Вартоломеј, при што архиепископот Стефан му испратил честитка. -Комуникацијата меѓу нас и нашата црква и Вселенската патријаршија се одржува, одговори кусо портпаролот на Синодот Климент.
Дебарско-кичевската епархија остана без прв човек откако минатата година во ноември по кусо боледување на 73 години почина тогашниот митрополитот дебарско-кичевски, господин Тимотеј. Георгиј беше единствен кандидат за оваа висока црковна позиција, кој на празникот Педесетница доби ново унапредување во монашки чин – игумен на церемонијата одржана во соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Произведувањето го изврши архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Поранешниот декан на Богословскиот факултет, Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши на 27 мај годинава, на 28 мај беше произведен за јероѓакон, а на 29 мај беше избран за јеромонах.
Игуменот Георгиј (Ѓорѓевски) е роден на 24 јули 1968 година во Скопје, како второ дете во благочестивото семејство на Душан и Даница. По завршувањето на основното образование во 1982 година, се запишува во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево и како дел од деветнаесетта генерација богослови матурира во 1986 година. Високото богословско образование го продолжува на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски” во Скопје, каде и дипломира, а во октомври 1990 година се враќа во Богословијата во Драчево и во текот на следните три години ги предава предметите: Свето писмо на Стариот и Новиот завет, Црковнословенски јазик, Старогрчки јазик, Латински јазик, Црковно пеење и Теорија на музиката.
Во 1993 година започнува со последипломски студии на Источниот институт во Регенсбург – Германија, а следната година заминува за Рим, Италија, каде што во 1996 година магистрира, потоа и докторира во 2000 година на одделот за Библиски студии при Теолошкиот факултет на Понтификалниот Универзитет „Грегоријана“ во Рим – Италија.
После враќањето од последипломските студии во 1999 година, две години предава во Богословијата (Свето писмо Стариот Завет, Црковнословенски јазик и Старогрчки јазик), а од 2001 година е професор на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски” во Скопје, по предметите Вовед и Егезегеза на Светото писмо на Стариот завет и Библиска историја со археологија.
Од 2000 до 2010 година ја извршува должноста шеф на Кабинет на Архиепископот, а од 2000 до 2007 година е и секретар на Американско-канадската православна епархија.
Во периодот од 2010 до 2014 година ја извршува функцијата амбасадор на Република Македонија при Светата Столица во Рим.
По завршувањето на мандатот, повторно се враќа како професор на Богословскиот факултет, а во периодот од 2016 до 2023 година во два мандати е декан на Факултетот.
Активно учествува во работата на Македонското библиско здружение, а од 2020 година ја извршува должноста генерален секретар. Тој е вклучен во завршниот дел при подготовката на ревидираното издание на Светото писмо во 2006 година, а воедно е и координатор на преведувањето на Новиот завет (2023) и Псалмите (2024) од оригиналните јазици. Член е и на комисијата на Македонската Православна Црква за превод на Богослужбеното Евангелие (2008).
За време на школувањето во Богословијата неколку години е уредник на списанието „Млад богослов“, додека за време на студиите на Факултетот е уредник на студентското списание „Православен благовесник“. Од 2002 до 2006 година е главен уредник на „Православен пат“, од 2016 година е уредник на Годишниот зборник на Православниот богословски факултет, а од 2025 година е претседател на уредувачкиот одбор при Факултетот. Автор е на неколку книги и повеќе научни трудови.
Од странските јазици, активно ги говори италијанскиот и англискиот јазик, а се користи и со германскиот и францускиот јазик.
Извор: МИА