Веќе е активиран специјалниот национален план „ЕСТИА“ за прием и репатријација на странски државјани преку Република Кипар, соопшти утрово портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за план на кипарската Влада што се активира при вонредни состојби или кризи, а се однесува на прием, евакуација и репатријација на странски државјани од кризни подрачја преку територијата на Република Кипар.
Портпаролот на кипарската Влада во писмената изјава утрово соопшти дека „земајќи ги предвид последните случувања во поширокиот регион, а во рамките на континуирана оперативна подготвеност“, претседателот на Кипар Никос Христодулидис, за денеска попладне свикал итен состанок на Советот за национална безбедност.
Паралелно, од кипарското МНР, преку соопштение им препорачаа на државјаните на Кипар кои се во Израел да ги следат упатствата на надлежните органи на земјата, да избегнуваат непотребни движења, да ги почитуваат максималните можни безбедносни мерки и редовно да се информираат за случувањата преку меѓународните и локалните медиуми.