Четири лица – две жени и двајца мажи (сите во седумдесеттите години) беа убиени во најновите ракетни напади врз централен Израел, потврдија службите за итни случаи Маген Дејвид Адом (МДА). Нападите погодија четири различни локации.
Според соопштението на МДА, вкупно 87 повредени лица се однесени во болници, вклучувајќи 30-годишна жена во сериозна состојба со повреди на лицето, пет лица со умерени повреди и 81 со полесни повреди.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека Иран повторно испукал ракети кон Израел. ИДФ, во објава на својот Телеграм канал наведе дека идентификувале ракети насочени од Иран кон Израел.
Неколку ракети го погодија централен Израел, според МДА. Експлозии се слушнале во центарот на Тел Авив, проследени со сирени на брза помош.
Подоцна, ИДФ соопшти дека жителите можеле да ги напуштат засолништата и дека екипите за пребарување и спасување се распоредени на повеќе локации низ целата земја.
Израелските воздухопловни сили претходно соопштија дека борбени авиони нападнале места за лансирање на ракети земја-земја во Иран, очигледно во обид да спречат понатамошен ирански напад.