Во издание на Македонската академија на науките и уметностите и „Матица македонска“, наскоро ќе биде објавена книгата „Записи од надземјето: чудесии“ од академик Божин Павловски.
Како што соопштија од „Матица македонска“, станува збор за книга со записи коишто не се само огледало на повеќедецениската опседнатост на Павловски со македонските работи како што има нагласено академик Гане Тодоровски, туку се и изворници на факти и ставови што се клучни за македонската историја, особено за периодот непосредно пред и по осамостојувањето на Македонија до денес. И тоа изворници не само за сето она што се има случено и за не многу афирмирани податоци, сознанија и согледби, туку и за пропуштени шанси, можности и години кога не секогаш се прифаќала критиката на општественик од ваков формат.
Впрочем, посочуваат, ова е прва книга на Павловски од ваков вид, записи во кои се преплетуваат публицистичкото и документарното со белетристичкото мајсторство, но е резултат на неговата повеќедецениска посветеност како активен чинител, гласен, остар и објективен критичар на македонската општествена стварност, а не нем набљудувач на настаните.
– Незамисливо е творецот да биде исклучен од настаните што ја одбележуваат неговата епоха. Во нашиов случај, кога транзиционите процеси им се закануваат на основните вредности, недозволено е да се молчи или премолчува. Треба да се искористат сите изразни форми за да се влијае на прогресот, нагласил Павловски.
Од „Матица македонска“ појаснуваат дека книгата „Записи од надземјето: чудесии“, всушност, овозможува и поттикнува да се согледа и колку македонската општествена стварност би била поинаква ако во децениите зад нас, особено оние на македонската самостојност, навремено се чуеше и разбереше гласот на македонскиот интелектуалец при носењето судбоносни одлуки за државата.