Раководното тело на македонската кошарка ќе отпочне процедура за менување на називот од Кошаркарска федерација на Северна Македонија (КФСМ) во Македонска кошаркарска федерација.
Ова, како што е соопштено, тоа е одлучено на последната седница на Управниот одбор на КФСМ на која членовите едногласно ја прифатиле иницијативата на новото раководство за промена на називот на Федерацијата.
„Предлогот наиде на позитивни размислувања од страна на присутните членови кои едногласно се согласија да се отпочне процедура за менување на името во Македонска кошаркарска федерација“, се наведува во соопштението.
Донесена е и одлука за намалување на бројот на екипи во Првата македонска машка кошаркарска лига на десет екипи од натпреварувачката сезона 2026/27, а од следната сезона се воведува правило за задолжителен настап на двајца домашни кошаркари во прволигашките екипи.