Влезовите во подземните тунели во иранскиот нуклеарен комплекс Исфахан беа погодени за време на американскиот напад врз иранските нуклеарни постројки, објави Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
„Утврдивме дека влезовите во подземните тунели биле делумно оштетени за време на нападот“, се наведува во соопштението на МААЕ, цитирано од британските медиуми.
Во соопштението на Агенцијата се додава дека во пресрет на нападот на Израел врз Иран на 13 јуни, поголемиот дел од збогатениот ураниум на Иран бил складиран во Исфахан.
МААЕ претходно објави дека нема зголемување на нивото на зрачење околу нуклеарните постројки во Иран.
Од друга страна, комерцијални сателитски снимки покажуваат дека американскиот напад врз иранскиот нуклеарен погон Фордо предизвикал сериозни, а можеби и целосно разурнувачки оштетувања на длабоко закопаниот погон и центрифугите за збогатување ураниум во него. Експертите, меѓутоа, предупредуваат дека засега нема потврда на овие сомнежи.
-Тие едноставно пробија сè со тие MOP бомби. Би рекол дека објектот веројатно е целосно уништен, рече Дејвид Олбрајт, поранешен нуклеарен инспектор на ОН, осврнувајќи се на бомбите познати како „Massive Ordnance Penetrator“(МОР) за кои САД велат дека биле употребени во нападот.
Но, нивото на штета под земја не е потврдено, истакнува Декер Евелет, истражувач од CNA Corporation специјализиран за сателитски снимки. „Салата што содржи стотици центрифуги е закопана премногу длабоко за степенот на уништување да се процени од слики од орбитата“, рече тој.
Иран, во обид да се одбрани од вакви напади, го смести поголемиот дел од својата нуклеарна програма во утврдени подземни објекти, вклучувајќи ја и планинската област Фордо.
Снимките од „Максар Технолоџис“ покажуваат „невообичаена активност“ во Фордо во четвртокот и петокот, вклучувајќи долга редица возила пред влезот на објектот. Висок ирански извор вчера изјави дека поголемиот дел од ураниумот збогатен до 60 проценти, блиску до нивото потребно за оружје, бил преместен на непозната локација пред нападот.
-Таму каде што се обидовме да ја запреме програмата, можеби всушност ја забрзавме, изјави за Ен-Би-Си Њуз американскиот сенатор Марк Кели, демократски член на Комитетот за разузнавање.
„Вооружените напади врз нуклеарните постројки никогаш не треба да се дозволат и би можеле да предизвикаат радиоактивни протекувања со сериозни последици.“
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, за денеска свика вонреден состанок на Одборот на директори на МААЕ поради итната ситуација во Иран по последните напади.