Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, денеска изјави дека испратил писмо до шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, во кое предложил одржување состанок и повикал на соработка по објавувањето на прекинот на огнот меѓу Иран и Израел.
Гроси во објава на платформа X изјави дека обновената соработка на Иран со МААЕ може да доведе до дипломатско решение на споровите што се појавија околу иранската нуклеарна програма.
Иран негира дека работи на развој на нуклеарно оружје.
Претседателот на иранскиот Парламент, Мохамед Бакер Калибаф, вчера изјави дека законодавното тело разгледува закон за суспендирање на соработката на Техеран со МААЕ како одговор на, како што рече, непрофесионалното однесување на агенцијата на Обединетите нации.
Калибаф повтори на парламентарната седница дека нуклеарната програма на Иран се развива исклучиво за мирновременски цели, објави Тасним.
Калибаф истакнува дека Техеран нема да соработува со МААЕ сè додека агенцијата не обезбеди „опипливи гаранции за професионално однесување“. Тој ги осуди нападите на американската војска врз нуклеарните постројки на Иран, наведувајќи дека нападот од страна на САД следел по неуспехот на израелскиот режим да ги постигне своите цели.