Јапонскиот оперски пејач Казухиро Котецу, познат по својата исклучителна посветеност кон македонската музика и култура и македонската сопранистка Елена Васова вечерва ќе одржат концерт во Македонската филхармонија.
На концертот „Јапонско срце бие во македонски ритам“ ќе учествуваат јапонскиот женски хор Tomoni Utao, со пијано придружба на Акико Каназава, македонскиот мешан хор Про Арс, под диригентство на Сашо Татарчевски, и специјални гости: пијанистот Иван Трајковски и јапонската сопранистка Чихиро Суганума.
-„Љубовта кон земјата, културата и луѓето најсилно се слуша преку музиката- е мотото на Котецу, кој во оваа специјална вечер ќе ги изведе: „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, „Македонско девојче“, „Ако умрам ил’ загинам“ и други, најавува организаторот.
Публиката ќе има можност да чуе и познати јапонски и македонски песни, внимателно избрани композиции кои ќе ја истакнат поврзаноста помеѓу македонската и јапонската култура.