Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска се обрати на тркалезната маса на тема „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференцијата за финансирање и развој (FfD) што се одржува во Севиља под покровителство на Организацијата на Обединетите нации.
Министерката, како што соопшти Министерството за финансии, ја претставила успешната приказна на земјата за унапредување на зелената транзиција преку комбинирано финансирање и стратешки партнерства.
Димитриеска-Кочоска го презентирала механизмот за зелено финансирање (Green Finance Facility – GFF), што земјава го воспостави како инструмент за поддршка на мали и средни претпријатија и ранливи домаќинства во инвестиции во обновлива енергија и енергетска ефикасност.
– GFF не е само финансиски инструмент. Тоа е катализатор на трансформација кој овозможува реални, инклузивни и мерливи промени во заедниците, истакналa Димитриеска-Кочоска.
Посочила дека резултатите од досегашната имплементација се значајни.
– Поддржани се 57 проекти на мали и средни претпријатија со инвестиции над 15,5 милиони долари, кои ќе донесат заштеди на енергија од 17.828 гига џула и ќе намалат емисии од речиси 4.000 тони CO₂. Поддржани се и 58 ранливи домаќинства, со инвестиции од 370.000 долари, кои резултираат со годишни заштеди од 621 мегават часови и намалување на емисии од 192 тони CO₂. Дополнително, проектите директно придонесуваат за намалување на аерозагадувањето (PM2.5 и PM10), што значи поздрава животна средина за граѓаните, подвлекла Димитриеска-Кочоска.
Нагласила дека успехот на GFF е резултат на партнерства со ОН, Европската банка за обнова и развој, како и со мрежа на домашни банки и лизинг-компании.
– Нашата визија за зелена транзиција е праведна, инклузивна и насочена кон најранливите. Никој не смее да биде изоставен, порачала министерката, додавајќи дека земјата е посветена на проширување на овој модел и ги повикала меѓународните партнери да се приклучат во зголемувањето на неговиот опфат и влијание.
На конференцијата било подвлечено дека моделот на комбинирано финансирање – преку мобилизација на јавен и приватен капитал, техничка помош и стимулации врз основа на перформанси, ја намалува финансиската неизвесност и овозможува поширок пристап до инвестиции што се климатски паметни и социјално одговорни.
Димитриеска-Кочоска ја потврдила посветеноста на земјава кон реализацијата на Агендата 2030 и Парискиот договор, нагласувајќи дека глобалната соработка е клучна за изградба на позелен, поправеден и поотпорен свет.