Премиерата на експерименталниот видео-театарски диптих KRIEG/A-C-I-N-S-E-L-A-K, во продукција на Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА ќе се одржи вечерва со почеток во 20:30 часот во Салон 19:19 на КИЦ Скопје.
Проектот е поделен на две огледални верзии, KRIEG – Машка верзија со актерот Здравко Стојмиров и A-C-I-N-S-E-L-A-K – Женска верзија со актерката Филарета Атанасова.
Станува збор за 70-минутна дигитална продукција на македонски јазик, инспирирана од архајско-феминистичката поезија на Светлана Христова и епитафи од воени гробишта од Првата светска војна.
Проекцијата истражува теми како војната, телесната и душевната агонија, ескапизмот и пост-елегиската состојба, преку апстрактна и визуелно силна нарација.
Проектот е снимен на Германските воени гробишта во Битола, а зад него стои тимот Иванка Апостолова Баскар (сценарио, режија, продукција), Михаило Апостолов (камера, монтажа, звук)
Луна Шаламон (експериментални цртежи), Весна А. Бришкоска (фотографии).
По проекцијата ќе следи дискусија со авторскиот тим, модерирана од кураторот Владимир Јанчевски.
Проектот е поддржан од Е.Т.Е.Р.И.А., Креативна Европа, Министерството за култура и Град Скопје – КИЦ Скопје, како дел од програмата за драмска дејност.