Летните месеци носат промени во навиките – од тешки зимски чизми преминуваме на поудобни обувки. Но, возењето со боса нога или во влечки честопати е опасно за безбедноста во сообраќајот.
Отворените и полесни обувки, како што се апостолки или сандали, може да предизвикаат, на пр. педалата да се заглави меѓу стапалото и подлогата на влeчката, при што последиците би биле трајно лоши на повеќе начини. Дали ширум Европа, според сообраќајните правила и прописи, таквото возење е казниво? Австрискиот автомобилски клуб „Ревијахак“ се обиде да одговори на тоа праашање.
Во Белгија, Босна и Херцеговина, Данска, Финска и Луксембург нема посебни правила – возењето без обувки е дозволено. Во Словенија нема директна забрана, но полицијата може да предупреди за опасноста од таквото возење. И во Хрватска нема посебна забрана, но се повикува на претпазливост. Во Италија – во случај на несреќа, ако полицијата евидентира дека возачот имал несоодветни обувки, осигурителната компанија може да одбие да плати штета.
Во Чешка, Законот не пропишува какви обувки треба да имаат возачите на патнички возила, но управувачите на комерцијални возила мора да носат соодветни обувки. Во Унгарија, возачот може да биде одговорен ако обувката придонела за несреќата.
Во Германија, Законот бара од возачот да обезбеди целосна контрола врз возилото, што се толкува како препорака да не се вози во небезбедни обувки. Казните не се директно пропишани, но можна е поголема одговорност во случај на несреќа.
Во Шпанија, возењето во апостолки и без обувки е забрането и се казнува со парична казна од 80 евра. Во Холандија не постои посебен закон, но во случај на несреќа, се проценува дали обувките имале удел во случена несреќа.
Во Велика Британија, возачите се должни да носат обувки што овозможуваат безбедно возење – можна е и парична казна.
Во Австрија нема казни за возење во апостолки, но во случај на несреќа, доколку се утврди дека соодветната обувка можела да ја спречи несреќата, може да се покрене постапка против возачот.
Во македонскиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, не постои експлицитна забрана за возење со папучи или боси нозе. Сепак, возачот е должен да управува со возилото на најбезбеден начин, што индиректно значи дека ако обувката го попречува управувањето, може да се смета за прекршок, според порталот „Економија“. Слични прописи има и во Албанија и Бугарија, каде што во случај на несреќа, ако се утврди дека обувката била причина за губење контрола на возилото, возачот може да биде казнет.
Во Србија, се подготвува нов Закон за сообраќај којшто ќе биде еден од најстрогите во регионот. Иако обувката не се спомнува конкретно, се предвидуваат строги казни за небезбедно возење, што може да значи и несоодветна обувка којашто би влијаела на контролата врз возилото. И Грција неодамна усвои нов Закон за сообраќај со драстично зголемени казни.
Истражувањето покажа дека возачите реагираат побавно во влечки отколку во патики, а и силата на сопирање е послаба во првиот. Постои и опасност влечките да се заглават меѓу педалите, што, исто така, сериозно ја загрозува безбедноста. Заклучок: Најдобар избор е да се носи цврста и затворена обувка којашто овозможува целосна контрола врз педалите.