Најмалку 31 лице е убиено денеска во израелските напади врз Појасот Газа, објавија палестинските медиуми, повикувајќи се на медицински извори.
Во централнот град Деир ал-Балах се убиени 14 лица, додека смртни случаи се пријавени и во јужниот град Кан Јунис и во градот Газа.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија интензивно распоредување во областа Кан Јунис, каде што беше откриен и уништен 500-метарски подземен тунел.
-Во текот на изминатата недела, војниците елиминираа десетици терористи и демонтираа повеќе од 130 локации на терористичка инфраструктура, како над, така и под земја, вклучувајќи залихи со оружје, згради со стапици, набљудувачки места и позиции за лансирање насочени кон трупите на ИДФ, соопшти израелската војска.
Извештаите не можеа да бидат независно потврдени.
Разговорите меѓу Израел и Хамас продолжуваат во катарската престолнина Доха, со неколку преостанати точки на несогласување, според извештаите на медиумите.
Американскиот претседател Доналд Трамп изрази надеж за прекин на огнот до крајот на неделата.