Со порака на заедништво, младинска енергија и олимписки вредности, денес беше промовирана официјалната химна на Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, насловена „Together We Shine“. Со тоа симболично започна и финалното одбројување до настанот што ќе се одржи од 20 до 26 јули 2025 година, во Скопје, Куманово и Осиек.
Химната е изведена од четири познати македонски музички ѕвезди – Лара Иванова, Јанг Дади, Александар Тарабунов и Сара Мејс, со музика и текст на Роберт Билбилов (Justbproduction). За режијата и визуелната продукција на видеото е заслужен Стефан Стиди, а спотот е снимен на локации во градовите домаќини – Скопје и Куманово.
„Химната не е само песна – таа претставува енергија, визија и повик до цела Европа. ‘Together We Shine’ е музичка прослава на заедништвото, младешката сила и олимписките вредности – сè она што го претставува ЕМОФ,“ соопштуваат организаторите.
Со динамична визуелна естетика, современи кадри и присуство на млади спортисти, спотот ја отсликува спортската атмосфера и колективниот ентузијазам што го носи овој европски фестивал. Во него се појавува и официјалната маскота Shiny, симбол на ведрина, инспирација и единство.
Химната е достапна на YouTube каналот на Македонскиот олимписки комитет, а стихови како:
„EYOF we play, EYOF we shine, EYOF is here, your dream is mine“ повикуваат на сплотеност преку спортот и славење на младинскиот дух.
Организаторите истакнуваат дека оваа химна е „повеќе од културен симбол – таа е срцето што чука во ритамот на младинската надеж. Повик до секој спортист и секој млад човек што мечтае. Да се обединиме, да блеснеме, да покажеме дека Македонија е подготвена не само да биде домаќин, туку и да го инспирира Стариот континент.“
Фестивалот ЕМОФ Скопје 2025 ќе обедини над 4000 млади спортисти од 49 европски делегации, како и тимот на бегалците, кои ќе се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини. Преку овој настан, Скопје и Македонија ќе се позиционираат како важен спортски центар на Европа, пренесувајќи порака на пријателство, толеранција, извонредност и европска поврзаност.