Генералниот секретар на Советот за регионална соработка (СРС), Амер Капетановиќ, денеска во Дубровник се сретна со заменик генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, на маргините на Дубровничкиот форум, повторно потврдувајќи ја мисијата на СРС за промоција на европската и евроатлантската интеграција како пат кон мирот, безбедноста и просперитетот во Југоисточна Европа, информираат од Советот за регионална соработка (СРС).
Средбата, како што велат, ја нагласила важноста на силната регионална соработка за обезбедување долгорочна отпорност, стабилност и безбедност на Западен Балкан.
-Разговорите се фокусираа на зајакнување на регионалната соработка во насока на справување со заедничките безбедносни предизвици, од хибридни закани до подготвеност за кризи и институционална отпорност, се вели во денешното соопштение.
Генералниот секретар на СРС, Капетановиќ, истакнал дека „за СРС, безбедноста и стабилноста на нашиот регион се предуслов за напредок“.
-Ќе продолжиме да работиме со сите наши партиципанти, вклучително и со НАТО, за поддршка на реформите, градење доверба и обезбедување Западен Балкан да остане цврсто закотвен во својата европска и евроатлантска иднина, истакнал тој.
Во разговорот, Капетановиќ споделил податоци од анкетата на СРС, SecuriMeter, регионално истражување што ги мери перцепциите на јавноста за безбедносните предизвици. Овие сознанија, според СРС, покажуваат дека граѓаните продолжуваат да ја гледаат ЕУ и НАТО како едни од најдоверливите организации во регионот.
Заменик генералната секретарка Шекеринска го изразила признанието на НАТО за работата на СРС, истакнувајќи дека Советот е клучен за градење регионална стабилност и зајакнување на врските во Југоисточна Европа и со евроатлантските институции. Ја реафирмирала и посветеноста на НАТО за поддршка на овие напори и унапредување на заедничката цел за безбеден и отпорен Западен Балкан.
Во контекст на идните активности, Капетановиќ најавил дека Советот во ноември ќе биде домаќин на најголемиот регионален безбедносен собир, неформално познат како „Jumbo Security“, кој ќе ги обедини носителите на политики, безбедносните експерти и партнерите, со цел унапредување на регионалната соработка и отпорноста во актуелните критични моменти за Југоисточна Европа.