– Скандалот со тендерот вреден 1,8 милиони евра, што Владата на Христијан Мицкоски го распиша за промоција на настан кој ќе се случи дури во 2027 година, станува сè поголем и посрамен. Тендерската документација покажува дека таа е полна со услови кои отвораат сериозен сомнеж дека тендерот е однапред наместен за одредена компанија. Тендерот очигледно е уште еден механизам за Владата да си избере „своја“ маркетинг агенција преку која ќе се одвива и финансира претстојната изборна кампања, изјави на денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Дали затоа уште сега, две години пред настанот во Белград, се избира агенција и се потпишува договор? Дали затоа се брза со оваа набавка и се трошат милиони на граѓаните, кога приоритети во државата има многу, а пари за нив нема?
Дали ова е уште една шема на ВМРО-ДПМНЕ за со јавни пари да си обезбеди медиумски простор, билборди, реклами и инфраструктура за изборната кампања во октомври?
Ова е уште еден доказ дека власта ја гледа државната каса како партиска своина, а јавните набавки како начин да си ги плати своите политички потреби.
Ги прашуваме јавно:
– Зошто две години пред настанот се бира агенција и се потпишува договор?
– Колку пари ќе завршат за вистински промоционални активности за настанот, колку во џебовите на ВМРО-ДПМНЕ, колку ќе се потрошат за изборната кампања во октомври?
Уште утре ќе излеземе со целосна анализа на тендерската документација и ќе ги изложиме сите сомнителни услови со кои е наместен овој тендер за „своја“ агенција.
Почитувани граѓани,
Ова е уште еден пример за ароганцијата и безобразието на оваа власт – додека граѓаните едвај преживувате, тие веќе се подготвуваат со народните пари да си ја финансираат својата кампања. За секој денар потрошен за оваа срамна манипулација ќе бараме одговорност“, истакна Кузеска.