Иран денеска соопшти дека не ја отфрла можноста за средба со САД за разгледување на иранската нуклеарна програма, но додаде дека сè уште не е утврден датум за таков состанок.
– Засега не е утврден датум, време или место за средба, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, одговарајќи на новинарско прашање за евентуален состанок меѓу иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи и неговиот американски колега за нуклеарни преговори, Стив Виткоф.
Двајцата официјални претставници од април одржаа пет рунди преговори преку посредништво на Оман, пред Израел на 13 јуни да изврши ненадеен напад врз Иран, по што следуваше 12-дневна војна.
Средбата планирана за 15 јуни беше откажана поради конфликтот. – Бевме сериозни во преговарачкиот процес и постапувавме со добра волја, што сите можеа да го забележат. Но, ционистичкиот режим (Израел), во координација со САД, изврши воен напад врз Иран пред шестата рунда преговори, изјави Багаи, додавајќи дека САД „флагрантно го прекршиле меѓународното право за време на дипломатскиот процес“.
На 22 јуни, САД бомбардираа подземна локација за збогатување ураниум во Фордо, јужно од Техеран, како и нуклеарни постројки во Исфахан и Натанц во централниот дел на земјата. Обемот на штетата не е познат.
За време на 12-дневната војна, Израел изврши стотици напади врз ирански воени и нуклеарни објекти, при што беа убиени научници поврзани со нуклеарната програма на Иран. Иран одговори со лансирање ракети и дронови врз Израел.
Израел и западните земји се сомневаат дека Иран сака да развие нуклеарна бомба, додека Техеран категорично негира дека има такви амбиции, тврдејќи дека неговата нуклеарна програма е наменета за мирнодопски цели, како производство на енергија. Според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Иран е единствената земја без нуклеарно оружје што збогатува ураниум на ниво од 60 отсто, далеку над границата од 3,67 отсто утврдена со меѓународниот договор од 2015 година, од кој САД се повлекоа во 2018 година за време на првиот мандат на Доналд Трамп. За производство на нуклеарна бомба, ураниумот треба да биде збогатен до 90 отсто, според МААЕ.