Регионален саем на музички вљубеници во винилот (носач на звук) се одржа денеска во Паркот на револуцијата во Кочани, како дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот.
На оваа музичко-културна манифестација, петта по ред, учествуваа излагачи на винили од градови од Србија, Црна Гора, Грција и Македонија со „плочи“ од шеесетите, седумдесетите, осумдесетите…
– Успеавме да направиме една мала традиција во Кочани, преубав град, во кој, за жал, се случуваат малку културни настани со ваков урбан карактер и уште помалку некој од нив може да се пофали со ваква традиција. Оваа е петта година како ја продолжуваме таа приказна, имаме искачувања и паѓење, но траеме, изјави Тошо Филиповски, идеен творец на оваа музичка манифестација.
Освен винили, кај изложувачите имаше и други физички изданија – цедеа и касети, за догодина се планираат стрипови и литература.
Според Флиповски, приказната што започна со изложување на винили како традиционални носачи на звук, продолжува. Тој смета дека Кочани сигурно се движи во насока која ќе му овозможи да прерасне во регионален урбан центар од културата.