Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска на средба со министерот за јавна адмиистрација Горан Минчев го поздравил усвојувањето на реформските закони за администрација како позитивен и охрабрувачки сигнал за посветеноста на државата кон европските стандарди во јавната администрација. Изразил поддршка и за новиот реформски циклус, со јасна заложба за доследна и транспарентна имплементација, во духот на принципите на добро управување.
Прес-службата на Министерството за јавна администрација (МЈА) соопшти дека во фокус на средбата на Минчев и Рокас било значењето на неодамна усвоените клучни реформски закони – Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници и Законот за инспекциски надзор, како основа за изградба на праведна, професионална и департизирана јавна администрација. На средбата дополнително биле истакнати следните чекори во насока на доследна и ефикасна имплементација на законите, преку транспарентен процес и со силен политички и институционален ангажман.
Министерот Минчев го информирал амбасадорот Рокас и за подготовката на новиот пакет на реформски закони, кој,како што стои во соопштението, ќе го надгради и заокружи процесот на стратешка трансформација на јавната администрација. Станува збор за Предлог-законот за систем на плати, Предлог-законот за висока раководна служба и Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
– Од страна на амбасадорот Рокас, беше поздравено донесувањето на усвоените закони како позитивен и охрабрувачки сигнал за посветеноста на државата кон европските стандарди во јавната администрација. Воедно, беше изразена поддршката и за новиот реформски циклус, со јасна заложба за доследна и транспарентна имплементација, во духот на принципите на добро управување. Министерството за јавна администрација и Делегацијата на ЕУ ја потврдија заедничката заложба за континуирана соработка во насока на одржливи и системски реформи кои ќе овозможат ефикасна, отчетна и граѓански ориентирана јавна администрација, соопшти Министерството за јавна администрација.