„Европа мора да биде доследен, конзистентен и принципиелен партнер, партнер кој испорачува и исполнува ветувања. Партнер кој е гласен кога се прават неправди, кога се крши меѓународното право, кога се злоупотребуваат човековите права. Тоа не го гледаме“, порача претседателот на „Солуција“, Никола Димитров, на „Сими Симпозиумот“ што се одржува по 27-ми пат во Грција, пренесува „Солуција“.
„Силата на ЕУ секогаш била во принципите. Во моментот кога Европа ги напушта вредностите, тоа станува ништо. Европа мора да биде доследен, конзистентен и принципиелен партнер, партнер кој испорачува и исполнува ветувања. Партнер кој е гласен кога се прават неправди, кога се крши меѓународното право, кога се злоупотребуваат човековите права. Тоа не го гледаме”.
Ова го порача претседателот на “Солуција”, Никола Димитров на дваесет и седмиот Сими Симпозиум, оваа година под насловот “Парадоксот на Пандора”.
Димитров зборуваше за македонското искуство во европските интеграции и блокадите со кои земјава се соочува:
„ЕУ дозволи тоа што нас ни беше најважно и тоа што го обезбедивме со Преспанскиот договор, тоа што Грција го прифати – дека ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик, да биде сега нападнато од Бугарија. Бугарија гордо го грабна ветото, откако тоа прво ни беше ставено од Франција, ужасна геостратешка грешка на Париз. И сега наместо да зборуваме за реформи, заглавени сме со срамни прашања од минатиот век, со наратив што едноставно е недозволив во 21 век во Европа – некој друг да ми кажува кој сум и каков јазик зборувам”, порача Димитров.
Тој зборуваше и за улогата на ЕУ на светската геополитичка сцена, потенцирајќи дека со политика на компромиси кога се клучните вредности во прашање, ЕУ си го подрива и сопствениот кредибилитет и своето значење во свет, кој станува мошне опасен и непредвидлив.
„Мислам дека многу европски лидери, со чест на исклучоци, не се свесни колку на долг рок ќе се одрази врз силата на ЕУ нивниот молк за Газа, на пример”, заклучи Димитров.
На панел дискусијата посветена на демократските предизвици во Медитеранот, заедно со Димитров беа и албанскиот државен министер за врски со Парламентот, Тулант Бала, Мехди Јома, поранешен премиер на Тунис, Амр Муса, поранешен генерален секретар на Арапската лига, професорот по политички науки на Универзитетот Џорџ Вашингтон, Харис Милонас, Сонер Чапгатај од Вашингтон Институтот и Јахја Саид од Лондонската школа за економија.
Сими Симпозиум, каде претседател е поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу е една од водечките светски конференции која веќе 27 години се одржува низ Грција, каде се собираат околу двесте водечки мислители, професори, актуелни и поранешни лидери и истакнати општествени дејци од целиот свет, истакнуваат од „Солуција“.