Американскиот државен секретар Марко Рубио и министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Велика Британија во телефонски разговор се договорија крајот на август да биде крајниот рок за постигнување нуклеарен договор со Иран, објави денеска Аксиос, повикувајќи се на неименувани извори.
Порталот наведува дека доколку не се постигне договор до тој рок, Париз, Берлин и Лондон планираат да активираат механизмот за враќање на санкциите, со која автоматски се враќаат сите санкции на Советот за безбедност на ОН што беа укинати со договорот со Иран од 2015 година.
Процесот на активирање на механизмот трае 30 дена, а овие три европски земји, според Аксиос, сакаат да го завршат процесот пред Русија да го преземе претседателството со Советот за безбедност на ОН во октомври.
Аксиос додава дека американските и европските претставници го сметаат заканата со враќање на санкциите и за алатка за притисок во преговорите со Техеран и за резервна мерка доколку дипломатијата не успее.
Истовремено, Иранците тврдат дека нема правна основа за повторно воведување санкции и се заканија дека ќе одговорат со повлекување од Договорот за неширење на нуклеарно оружје.
Изворите наведоа дека целта на разговорите меѓу Рубио и неговите европски колеги била да се координираат ставовите за враќање на санкциите и за напредокот во нуклеарната дипломатија со Иран.
Според два извори, Европејците планираат да му пренесат на Техеран дека може да го избегне враќањето на механизмот на санкции ако преземе чекори за да го увери светот во врска со својата нуклеарна програма.
Ваквите чекори би можеле да вклучуваат продолжување на мониторингот од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), кој Иран го суспендираше по нападите на САД и Израел врз неговите нуклеарни постројки, како и потенцијално отстранување на околу 400 килограми збогатен ураниум од Иран.
Аксиос, исто така, објави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатата недела го замолил американскиот претседател Доналд Трамп да не го блокира активирањето на овој механизам, велејќи дека на Иранците треба да им биде јасно дека немаат многу време да ги завршат преговорите.