И покрај напорите на владата во Париз, замрзнувањето на одредени фондови и ветувањата за масовни заштеди, јавниот долг на Франција се зголеми за уште 40,5 милијарди евра за само три месеци, достигнувајќи 3,346 трилиони евра на крајот на март.
Ова го покажуваат податоците што на рајот на јуни ги објави Националниот институт за статистика и економски студии (ИНСЕЕ). Се проценува дека таа бројка сега веќе изнесува над 3,5 трилиони евра.
Долгот на Франција достигна 114 отсто од нејзиниот БДП, со што сега го има третиот најголем долг во Европската Унија и Италија. Буџетскиот дефицит на земјата изнесува пет проценти. Според Договорот од Мастрихт, дозволено е долг најмногу од 60 проценти од БДП и 3 отсто дефицит.
Меѓу причините за долгот на Франција се високите јавни трошоци и социјална држава: Франција има робустен модел на социјална држава со широко распространети јавни услуги, како што се здравствена заштита, образование, социјални бенефиции и пензии. Овие системи се скапи за одржување и често бараат значителни државни субвенции, што придонесува за зголемување на долгот. Глобалните економски кризи, како што е финансиската криза од 2008 година и пандемијата Ковид-19, имаа силно влијание врз француската економија. За време на овие периоди, владата мораше да потроши огромни суми на пари за да ја поддржи економијата, да ги спаси компаниите и да ги заштити работните места, што доведе до голем скок на долгот. Потоа дојдоа енергетската криза и инфлацијата, што исто така бараа интервенции од државата.
Во изминатите години, Франција често се соочуваше со релативно побавен економски раст во споредба со некои други европски земји. Бавниот раст значи помали даночни приходи, што го отежнува намалувањето на дефицитот и отплатата на долгот. И покрај напорите, некои критичари тврдат дека Франција не спровела доволно длабоки структурни реформи во јавната администрација и пазарот на трудот за да ја зголеми ефикасноста и да ги намали трошоците.
Иако се предложени многу економски и пензиски реформи во изминатите децении, многу од нив биле блокирани или ублажени поради силни синдикати, масовни протести и страв од политичка нестабилност. Слично како и многу западни земји, Франција се соочува со стареење на населението, што го зголемува притисокот врз пензискиот систем, здравствените услуги и социјалната грижа. Како членка на еврозоната, Франција не може да печати пари или самостојно да ја девалвира валутата за да го намали реалниот долг – за разлика од држави со независна монетарна политика.
Инфлацијата на потрошувачките цени во Франција во јуни се зголеми со побрзо темпо отколку што претходно беше проценето, покажаа податоци од статистичката служба ИНСЕЕ. Инфлацијата на потрошувачките цени се зголеми на 1,0 процент во јуни од 0,7 отсто во мај. Стапката на инфлација за јуни беше ревидирана нагоре од 0,9 отсто. Вкупното зголемување на инфлацијата се должи на забрзувањето на годишниот раст на цените на услугите на 2,4 отсто од 2,1 проценти и со помалку одржлив пад од 6,7 отсто на цените на енергијата. Цените на храната пораснаа со малку побрзо темпо од 1,4 проценти додека цените на тутунот забележаа малку побавна стапка од 4 проценти. Од друга страна, цените на индустриските производи забележаа постојан пад од 0,2 отсто. На месечна основа, индексот на потрошувачките цени се искачи за ревидирани 0,4 отсто поништувајќи го падот од 0,1 проценти во мај.
Францускиот премиер неделава предупреди дека земјата се соочува со финансиска криза од грчки размери доколку не дејствува одлучно за да ги запре растечкиот долг и дефицит. Тој предложи серија драстични мерки за да го поправи националниот буџет, вклучувајќи и укинување на два национални празници.
Во говор пред пратениците и членовите на кабинетот на претседателот Емануел Макрон, премиерот Франсоа Бајру изјави дека францускиот долг се искачил повисоко од речиси секоја друга земја во Европа, достигнувајќи 114 отсто од бруто домашниот производ. Неговото намалување во наредните години ќе бара замрзнување на невоените трошоци и поттикнување на Французите да „работат повеќе“.
– Ова е последната станица пред бездната, пред да бидеме згмечени од долгот, рече Бајру и додаде дека дополнителен ризик за француската и европската економија претставуваат и заканите на претседателот на САД, Доналд Трамп дека ќе воведе 30 отсто царини на стоките од ЕУ.
Предлозите за кратење на трошоците на Бајру ќе вклучуваат да не се замени еден од тројца државни службеници кога ќе се пензионираат и елиминирање на „непродуктивните“ државни агенции. Тој исто така ќе ги намали француските субвенции за лекови на рецепт, нагласувајќи дека Французите „конзумираат двојно повеќе антибиотици од Германците“.
Мерката што ќе ги налути Французите е предлогот да се укинат два национални празници: Велигденскиот понеделник и 8 мај на кој се одбележува крајот на Втората светска војна во Европа и Француските често го користат за да спојат четири дена со викенд среде пролет.
– Целата земја се враќа на работа на ден на кој не работела долго време, рече тој, додавајќи дека укинувањето на празниците ќе донесе „неколку милијарди евра“ во француската каса поради повисокото производство.
Франција има 11 национални државни празници, исто како и САД.
Предлозите за штедење, дел од нацрт-буџетот за 2026 година што Парламентот ќе го разгледува подоцна годинава, веројатно ќе го обноват јавниот бес околу финансиите на Франција. Во 2003 година, кога Франција претрпе смртоносен и економски разорен топлотен бран, владата се обиде да го укине празникот Вознесение Христово за да собере пари, но се соочи со улични протести.
Во последниве години, бурни демонстрации ја потресоа Франција поради зголемувањето на старосната граница за пензионирање, потег што го презеде претседателот Макрон за да ги скрати владините трошоци, кои, со 57 отсто од бруто домашниот производ, се меѓу највисоките во Европа.
Француските медиуми истакнуваат дека политичката иднина на Бајру веќе е доведена во прашање. Како шеф на малцинска влада со Парламент поделен на три спротивставени кампови, тој може да биде сменет од функцијата пред да се обиде да ги поправи финансиите на Франција. Претходниот премиер, Мишел Барние, беше соборен во декември со гласање за недоверба откако се обиде да го стегне буџетот.
Планот на Бајру веднаш предизвика осуда од десницата и левицата, при што Марин Ле Пен, лидерката на крајнодесничарскиот Национален собир и Жан-Лук Меленшон, лидер на крајнолевичарската партија Непокорна Франција, му се заканија на Бајру со предлог за импичмент доколку не ги ревидира своите предлози.
Мујтаба Рахман, управен директор за Европа за Еуроазија Груп, рече дека Бајру „отишол на ризик, знаејќи дека овие мерки имаат мали шанси да поминат“.
Франција, кој беше клучна економија во Европа, стана слаба алка бидејќи нејзината влошена финансиска состојба предизвика загриженост кај инвеститорите и агенциите за кредитен рејтинг. Дефицитот, со 5,8 отсто од економското производство, е најголем во еврозоната. Оваа година се очекува Франција да плати 55 милијарди евра за да ги покрие каматите на својот долг, повеќе од воениот буџет на земјата.
Ако ништо не се преземе, каматите на долгот ќе станат најголем трошок на владата до 2029 година, и ќе се зголемат на 100 милијарди евра годишно, рече Бајру. „Никогаш не треба да заборавиме што ѝ се случи на Грција“, рече тој, повикувајќи се на кризата со грчкиот долг на почетокот на овој век.
Предложеното штедење ќе оди заедно со програма за зголемување на економското производство, особено во одбраната. Во Франција се наоѓаат некои од најголемите производители на оружје во Европа, и постои притисок за забрзување на производството на сè, од тенкови до борбени авиони, за да се компензира падот во другите индустрии. Но, тоа ќе бара вработување на повеќе луѓе, рече Бајру, делумно преку заострување на „дарежливиот систем“ за невработеност во Франција.
„Нема доволно од нас што работат“, рече тој.
Одговарајќи на новинарски прашање по говорот во парламентот, Бајру изјави дека неговиот предлог е „основна аритметика“.
– Ако сакаме да останеме на вистинскиот пат, треба да најдеме повеќе од 40 милијарди евра, рече тој осврнувајќи се на 43,8 милијарди евра што Франција треба да ги скрати од својот буџет за да го запре зголемувањето на долгот, за кој рече дека расте за 5.000 евра секоја секунда.
Француската влада има за цел да го намали дефицитот од 5,8 отсто минатата година на под 4,6 проценти следната година, и на под 3 отсто до 2029 година, рече Бајру.