Американското Министерство за внатрешна безбедност вчера објави дека депортациски лет со имигранти од различни земји слета во Есватини, во Јужна Африка, потег што следува по одлуката на Врховниот суд на САД за укинување на ограничувањата за депортација на мигранти во трети земји.
Британските медиуми потсетуваат дека Врховниот суд на САД на крајот на јуни ѝ дозволи на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да продолжи со депортирање на мигранти во земји различни од нивните матични земји, без да им понуди можност да ја докажат штетата што би можеле да ја претрпат. Оваа одлука претставуваше победа за владата во нејзиното агресивно спроведување на политиката на масовни депортации.
„Летот за депортација во трета земја, во Есватини, јужна Африка, слета успешно – овој лет превезуваше лица со такво варварско однесување што нивните матични земји не сакаа да ги примат назад“, изјави доцна синоќа портпаролката на Министерството за внатрешна безбедност на САД, Триша Меклафлин.
Во објава на социјалната мрежа X, Меклафлин именува пет депортирани лица од Виетнам, Јамајка, Лаос, Куба и Јемен, наведувајќи дека тие биле осудени за злосторства како што се силување деца и убиство.
Претходно овој месец, висок функционер на американската администрација изјави во допис дека американските службеници за имиграција можат да депортираат мигранти во земји различни од нивните матични земји со известување од само шест часа однапред.
Американската агенција за имиграција и царина (ICE) вообичаено ќе почека најмалку 24 часа од моментот кога ќе го извести мигрантот за депортација во таканаречена „трета земја“, се наведува во дописот на Агенцијата од 9 јули, потпишан од вршителот на должноста директор Тод Лионс.
Меѓутоа, ICE може да депортира лице во „трета земја“ со известување од само шест часа однапред „под итни околности“, се наведува во дописот, под услов на лицето да му биде дозволено да разговара со својот адвокат.
Британските медиуми пренесуваат дека во документот се наведува дека мигрантите можат да бидат испратени во земји кои ветиле дека нема да ги прогонуваат или мачат, „без потреба од дополнителни процедури“.
Новата политика на ICE сугерира дека администрацијата на Трамп би можела брзо да ги премести мигрантите во различни земји низ целиот свет. Застапниците за човекови права изразија загриженост во врска со правниот процес и други прашања поврзани со имиграциската политика на Трамп, која неговата администрација ја промовира како мерка за подобрување на безбедноста на татковината.