Во македонската кинематографија недостасува скромност и емотивна интелигенција. Тргнавме по некоја угорница на сопствениот занес не гледајќи колку е стрмно позади нас. Егото го ограничува погледот и за жал ‘идолот’ на кој му се поклонува македонската кинематографија е погрешен. Од тука и моето неразбирање зошто при целата слобода на уметноста да сакаш да си ист“, вели меѓу другото, Благој Веселинов, актерот чие име во последнава деценија стана синоним за квалитетна глума.
Еден од оние несекојдневни македонски актери кои со ист интензитет умеат да ја оживеат улогата и на театарската сцена и пред филмската камера е секако, Благој Веселинов. Неговата способност „лесно“ да се трансформира од „урбан до рурален лик“ го сместува меѓу најценетите актери на својата генерација.
Веселинов (1984 година, Кочани), дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на проф. Владимир Милчин, во театарот настапува од 2007 година, а од 2018 е дел од ансамблот на Македонскиот народен театар.
Зад себе има четириесеттина театарски улоги („Народен непријател“, „Макбет“, „Галеб“, „Чекајќи го Годо“…), дваесеттина ТВ филмски улоги („Како да ме нема“, „Панкот не е мртов“, „Ослободување на Скопје“…), добитник е на неколку домашни и меѓународни награди, а во 2019 година, Европската филмска академија го вбројува меѓу десетте најперспективни актери во Европа (Схоотинг Старс – Берлинале), што претставува огромно признание за македонската сцена, за улогата на Веле во веќе култниот филм на Ѓорче Ставревски, “Исцелител“ („Secret ingredient“), од 2017 година.
Во рамки на програмата „Филм во фокус“ вечер во 20:30 часот во Rooftop Open Air Cinema, во Скопје Сити Мол, ќе се одржи проекција на „Исцелител“, филм за кој Веселинов вели дека го променил од корен.
Следува целосното интервју за МИА со актерот Благој Веселинов.
Kаков ви беше патот од Кочани до МНТ?
-Кога се запишав на ФДУ во 2005-та, до Скопје се патуваше минимум два часа и 30 минути. Сега се стигнува за еден час. Тогаш по тој стар пат, кој се уште постои, се патуваше преку Штип и Велес и имаше доста фреквентен сообраќај. Денес по овој модерниов, нов пат, кој оди директно до Кочани, често патувам сам, особено кога патувам кон Кочани. Животот не ме галеше патувајќи до МНТ, но вистината е дека актерството беше мој свесен избор и јас ова го правам со чиста и искрена љубов која им пркоси на секое зло кое се натегало и се натега да ме спречи да продолжам да љубам. Морав да ампутирам безброј „добронамерни” совети и мислења за да си ја остварам својата цел и притоа да не газам врз никој и да не повредам никого. Мислам дека опкружувањето во Македонија е такво што морате да го изолирате вашиот личен став, во спротивно неизбежно е да станете дел од снобизмот кој е денес на цена. Искрениот и чесен пристап којшто го имам кон мојата професија прави таков исконски баланс и ми возвраќа соодветно што ми потврдува дека сум на вистинскиот пат. Сцената е мојот живот и јас ја живеам таа реалност со сите нијанси на човечкиот апсурд.
Кој лик досега ви бил најпредизвикувачки за играње и зошто?
-Во се наоѓам предизвик. Немам што да одвојам. Сакам да сум среќен на сцена, го сакам животот на сцена, сакам кога сите сме среќни за претставата. Кога се смеат и тие зад сцената и тие по кулисите. Така што, соработката со моите колеги кои ја љубат професијата е мојот најголем предизвик.
Имате ли некој посебна техника за подготовка за улогите што бараат поголема емоционална длабочина?
-Се разбира, зависно од проектот и неговиот габарит, зависно од режисерот и концептот, се влегува во тој повеќеслоен мозаик и се посегнува во длабочините, секој со своите можности, кој колку може да го задржи здивот. Јас сум добар нуркач, но сепак, да не заборавиме дека актерството е маратон, па убаво е да знае човек кога да исплива и да земе воздух, пред повторно да нурне во светот на актерството.
Со кој режисер или актер, се уште не сте работеле, а многу би сакале?
-Би сакал да застанам на сцена со Горан Додевски. Тоа нема да ми се оствари знам, но живи сме и здрави и двајцата, па мислам оти сепак постои надеж. Инаку Горан е актер кој ме подготвуваше за приемниот на ФДУ, кој за жал не игра повеќе од две децении. Тие што имале прилика да го гледаат знаат дека станува збор за неповторлива сценска трансформација во сите нејзини варијации.
Што би им порачале на младите актери кои се на почетокот на својата кариера?
-Работа, работа и само работа.
Сте се посомневале ли некогаш во изборот на професијата?
-Сомнежи имало кон уредувањето, начинот на вреднувањето на трудот, оценувањето по фестивалите, соработниците…, но никогаш, никогаш во професијата. Кај нас нема лажење – кој го разбрал тоа, тој научил многу.
Има ли некоја театарска претстава што ви е особено драга, поради улогата, екипата или процесот?
-Кога на некој начин почнавме да ја сечеме полека папочната врвка со ФДУ по иницијатива на режисерката Нина Николиќ, отидовме да работиме претстава во Ц.К. на Илинденска кај Русе Арсов кој беше продуцент на претставата “Неверство”. Игравме заедно со Дарја Ризова, Мартин Јорданскиот и Симона Спироска и им благодарам на сите за детската наивност и слободата што ја доживеав во тој процес.
Што мислите, каде оди современиот македонски театар? А и публиката?
-За наша среќа постои, а за тоа е доказ претставата “Марта Верина” во МНТ, по текст на Драгана Лукан, а во режија на Нина Николиќ. Тука морам да додадам дека музиката е на мојот драг колега Оливер Митковски… значи имаме три во едно (се смее, н.з.). Постои и публика која знае да препознае, публика која се обновува и станува се помасовна. Дарја Ризова ја игра улогата на Марта и од септември ве очекуваме да дојдете. Апелирам да се инвестира во нашите автори да може да се создаде критична мисла која за жал мислам ја нема.
Како се менува енергијата кога играте пред жива публика во театар, наспроти камерата на филмскиот сет?
-За мене тие два света се еден живот. Разликата е во дозирањето и импостацијата. На филм можеш и да згрешиш, во театар можеш да згрешиш, ама потешко си простуваш. На филм има крупен кадар во театар остануваме најчесто на тотал. Ако ги анализирате, има големи разлика, но изворот е тој.
Што ви значи театарот во споредба со филмот – каде се чувствувате „поудобно“?
-Театарот е љубовта, театарот е тој кој ја одржува кондицијата, театарот е дисциплината. Кога си активен во театар, според мене е лесно да ги вклучиш сите механизми на прозорливост и со тоа да бидеш одличен на филм. Кај нас за жал повторно се снима Ич. (Ни – Сан – Ши.)
Има ли филмски проект што ви го смени начинот на кој гледате на актерството?
-„Исцелител” ме промени од корен. Малкумина знаат дека за филмот прв пат пуштив стомак и се здебелив шест килограми, што за мене во тој период беше тешко исто толку колку и на оние шо се обидуваат да ослабат. Но сепак, дружбата со вработените во железници и паштетата си го направија своето, па се претопив во „бравар” кој работи во МК Железници. Ги поздравувам сите од мојот вагон… знаат тие, тој плавиот од Тито.
Како се справувате со долгите денови на снимање и повторувања на сцените, репризите на претставите – имате ли некој „трик“ што ви помага да останете во улогата?
-Јас сфатив дека снимањето е едно огромно време на чекање. Така со време научив да се забавувам во тие часови на неизвесност и да се потрудам да останам во расположението кое е потребно за сцената што следи. Понекогаш можат да поминат и неколку часови за еден ист кадар, а вие мора да останете фит.
На што најтешко се адаптира еден театарски актер кога треба да глуми пред камера?
-Мислам дека говорот на телото е тој кој најтешко се смирува кога ќе се вклучи камерата. Но сепак, за актер кој е во својата полна кондиција, ментална и физичка, нема пречка која што не може да се совлада. Треба да се има доверба во себе. Сега, можеби звучи како да се тапкате себеси по рамото, ама па зошто да не?! Понекогаш е добро да си бидете самите ветар во грбот, не поради нешто друго, туку затоа што гледате дека нема никој друг да го направи тоа.
Кога се подготвувате за улога, како и колку се разликува процесот во театар и на филм?
-Разликата е огромна и секаква. Но драматургијата е единствена. Тоа е најважното – да го имате проектот добро напишан. Тогаш и во двете ситуации се случува неизбежен успех. Се разбира и режисерот треба да знае што прави. Театарот е најчесто врзан за сцената која живот значи за разлика од екстериерот и ентериерите во филмот кои рушат секакви граници и рамки. Во театар, најчесто комуницираме преку четвртиот ѕид кој би требало во еден момент да исчезне и се да стане едно, за разлика од филмот кој инсистира на предна проекција.