Со почеток во 20.30 часот во ЈУ Дом на култура Кочо Рацин- Скопје, во Галеријата Ко-Ра, горен салон, ќе се случи промоцијата на книгите „3 пиеси“ и „Поеми“ на авторот Игор Поп Трајков, а по ова ќе биде отворена и изложбата на дигитални мозаици Патека низ времето од истиот автор.
За книгите свое обраќање ќе имаат рецензентките Лорета Георгиевска-Јаковлева, Ленче Китанова, Ана Димишковска, што ќе е проследено и со читање на текстовите на рецензентите Иванка Апостолова Баскар и Аљоша Пужар. Како што вели последниот, кој е многу прочуен теоретичар, универзитетски професор и автор (од Хрватска и Словенија): „Драмава (се мисли на пиесата „Кнедла на новите дни или двете песни се захефтани“) донесува сирови и вулгарни слики на дарвинистичките каснувања и газења, како и темни сенки на системските хиерархии и насилства, но успешно ги балансира со трагикомичните и иронично-мелодраматичните мигови. Нејзиниот дух е ануевски (Anouilh) и пиранделовски (Pirandello), кој е успешно прилагоден на духот на овој милениум. Сокриениот авторски глас со комбинацијата на моќните наративни елементи и сценските замисли недиректно пласира јасен етички став – критика на неолибералната и неопатријархалната монструмизација на личностите и односите, заедно со гладот/потребата за морален интегритет и рехуманизација на уметноста и животот“. Освен оваа пиеса – која се занимава со активноста на тајната служба во Северна Македонија и поширокиот регион – книгата „3 пиеси“ ги содржи и пиесите „Патетична соната“ и „Проектот Адам и Ева“.
Книгата „Поеми“ ги содржи поемите на Игор Поп Трајков „4-годишни времиња“, „Излезност кон море“, „Мачеништвото на Св. Марина“, „Умор од самопознавање“, „Крошна клетви на стебло молитви“ и „Девојчето слободно инспирирано од цртан филм“. Последната беше во селекцијата на истакнатиот поетски натпревар во Италија во 2015 Viaggi di Versi и беше објавена како мини-книга на италијански во проектот Il Mio Libro . „(…) ова е автор кој има што да каже, а не некој кој ги следи трендовите. Во напливот на празнотија во домашната, а и пошироката книжевна продукција, како да има мал простор за содржина. Но, ова исто така не значи дека на Поп Трајков формата не му е важна. Напротив тој како да настојува метриката, музикалноста, кохерентноста, одекнувањето во звучните ходници на свеста и потсвеста да ги доведе до совршената јасност. Особено ми се допаѓа и што наидов на творештво кое е естетизирано, а ова како во домашната продукција да се негира. Овој автор го има она што повеќето домашни автори го немаат, а тоа е поставувањето на една висока, напорна цел. Поезијата на Поп Трајков не е лесна, но е истовремено и пријатна; исто како што е мрачна (во своето настојување да ја долови премолчената, застрашувачка страна на нашата цивилизација), така е и оптимистична (со своето оддавање кон вербата во етиката и нејзината победа во апокалипсата).“- вели Ленче Китанова во предговорот кон оваа збирка поеми.
По ова публиката ќе проследи читање и интерпретација на делови од овие две книги од страна на Димитрина Мицкоска и Бобан Алексоски во траење од околу 1 час.
Потоа свое обраќање ќе има г-а Џоана Пентала, кураторката на изложбата на дигиталните мозаици „Патека низ времето“ од Игор Поп Трајков. Таа вели: „Во својата најнова изложба, Игор Поп Трајков има за цел да издлаби пат низ времето. Тој го прави ова на својот сега препознатлив, контрадикторен, па дури и ироничен начин. Како и со претходните изложби, претставена е и сопствената биографија на уметникот, а дури и гледаме автопортрет на Поп Трајков во „Изложба за време на корона“. Сопственото уметничко патување на Поп Трајков и неговите влијанија се важен дел од „претставениот премин низ времето“. Како што видовме претходно, Поп Трајков се стреми кон инклузивност и во овој случај користи мозаици за да покаже како истите средства за изразување можат да се користат во различни периоди, и за различни цели. Мозаиците биле присутни во Северна Македонија во „антиката“, уште во средниот век и низ целата Отоманска Империја, а сега, благодарение на Поп Трајков, продолжуваат да бидат присутни и денес.“
Секој кој ќе дојде на отворањето ќе може да добие една од книгите (по свој избор) бесплатно во електронска форма, доколку остави имејл. Изложбата пак ќе биде достапна за посетителите секој работен ден се` до 31 јули 2025, од 8 до 12 часот денски.