Во Олимпискиот центар „Јане Сандански“ денеска со почеток во 11 часот, ќе бидат претставени младите олимпијци и врвни спортски таленти кои ќе ја претставуваат Северна Македонија на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025.
Како што соопштуваат од Македонскиот олимписки комитет, македонската младинска олимписка делегација е составена од најперспективните млади спортисти од различни спортови и спортски дисциплини.
ЕМОФ Скопје 2025 ќе обедини над 4.000 млади спортисти од 49 различни европски делегации плус тимот на бегалците, кои ќе се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини. Станува збор за атлетика, пливање, џудо, велосипедизам, планински велосипедизам, гимнастика, стрелаштво, пинг-понг, теквондо и бадминтон, како и тимските спортови како ракомет, одбојка, кошарка и баскет 3×3.
Натпреварите ќе се одвиваат на повеќе локации во Скопје и Куманово, а гимнастиката ќе се одржи во Градскиот спортски центар во Осиек, Хрватска.
Покрај натпреварувањата, фестивалот вклучува и церемони на свеченото отворање и затворање, како и тренинзи, едукативни и културни активности.
Отворањето на ЕМОФ 2025 ќе се одржи в недела со почеток во 20:30 часот во Спортскиот центар „Јане Сандански“.
Повеќе детали околу настанот и подготовките ќе прочитате в недела во интервјуто на МИА со Александар Богоевски, Извршен директор на ЕМОФ Скопје 2025.