Иран смета дека европските земји се виновни за неуспехот на нуклеарниот договор од 2015 година и ги обвини дека не ги исполниле своите обврски, соопшти денеска портпаролот на Министерството за надворешни работи на земјата.
Претставници на Техеран треба в петок во Истанбул да се сретнат со колеги од Франција, Германија и Велика Британија за да разговараат за нуклеарните активности на Иран.
Париз, Лондон и Берлин во последните неколку недели му се заканија на Иран со повторно воведување санкции и го обвинија дека не ги почитува своите нуклеарни обврски.
– Европските страни беа виновни и го занемаруваа спроведувањето на нуклеарниот договор, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, и додаде дека Иран ги намалил своите обврски согласно одредбите од договорот.
Иран во 2015 година со неколку европски земји, Кина и Русија постигна договор со кој се предвидуваа значајни ограничувања на неговата нуклеарна програма, во замена за постепено укинување на санкциите.
На договорот се приклучија и САД но се повлекоа во 2018 година и повторно воведоа санкции кон Техеран, за време на првиот мандат на Доналд Трамп.
Европските земји ја потврдија својата посветеност на договорот.
Според податоците на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Иран е единствената земја без нуклеарно оружје што збогатува ураниум до висок степен од 60 отсто, што е значително над дозволената граница од 3,67 отсто, утврдена со договорот од 2015 година.
Ураниумот мора да се збогати до 90 отсто за да може да се употреби за изработка на нуклеарна бомба, тврди МААЕ.