Најмалку 11 цивили се убиени во нападите на Камбоџа во Тајланд, соопшти тајландското Министерство за здравство, пренесува Си-ен-ен.
Камбоџа сè уште не пријавила никакви жртви од своја страна, додека премиерот на Камбоџа го повика Советот за безбедност на Обединетите нации да свика „итен состанок“ за да „ја запре агресијата на Тајланд“, откако борбите се интензивираа меѓу соседите.
Премиерот Хун Манет рече дека тајландските вооружени сили започнале „неиспровоцирани, однапред смислени и намерни напади врз камбоџанските позиции долж граничните области“, обвинувајќи ја за кршење на меѓународното право во писмо до претседателот на Советот за безбедност, Асим Ифтихар Ахмад.
„Соочени со оваа очигледна агресија, камбоџанските трупи немаа друг избор освен да одговорат во самоодбрана за да го заштитат суверенитетот и територијалниот интегритет на Камбоџа“, напиша Хун Манет.
„Длабоко е за осуда што овој чин на агресија се случува додека Камбоџа активно бара мирни и непристрасни правни патишта за решавање на отворените гранични прашања со Тајланд преку билатерални и меѓународни механизми“.
Тајланд ја обвини Камбоџа за кршење и на нејзиниот суверенитет и на меѓународното право со поставување мини на тајландската територија на спорната граница и со испукување ракети во цивилни области утрово.
„Кралската тајландска влада ја повикува Камбоџа да преземе одговорност за инцидентите што се случија, да ги прекине нападите врз цивилни и воени цели и да ги запре сите дејствија што го нарушуваат суверенитетот на Тајланд“, соопшти тајландското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се додава дека Тајланд е „подготвен да ги интензивира своите мерки за самоодбрана доколку Камбоџа продолжи со својот вооружен напад и прекршувања“.
Д. Мишев / Цивил Медиа