БМВ не се откажува од своите моќни мотори кои љубителите ги обожуваат. И покрај заострените еколошки регулативи во Европа, БМВ вели дека нивните препознатливи шестцилиндарски и V8 мотори нема да исчезнат. На фестивалот на брзината во Гудвуд, шефот на БМВ M, Франк ван Мил, потврди дека брендот останува посветен на овие мотори, дури и со воведувањето на строгите Еуро 7 стандарди.
Ван Мил објасни дека иако новите регулативи го отежнуваат ладењето на моторот преку користење на гориво, нешто што е вообичаено кај спортските автомобили, БМВ пронашле нови начини за контролирање на топлината и подобрување на процесот на согорување. Наместо да ја намали моќноста, компанијата се фокусирала на попаметна инженерска работа. „Може да ги намалите перфомансите за да ја контролирате температурата, но ние не сакаме тоа да го правиме,“ рече тој.
Овие мотори се и понатаму клучен дел од идентитетот на БМВ. Моделите како M2, M3 и M4 користат 3 литарски шестцилиндарски мотор со две турбини, додека M5 и XM имаат V8 мотор во комбинација со хибридна технологија. Ван Мил не откри конкретни детали за промените направени на моторите, но кажа дека се работи за „многу интересни“ надградби.
На прашањето дали БМВ би преминал на помали трицилиндарски или четирицилиндарски мотори за идните M модели, Ван Мил одговори: „Не… шестцилиндарскиот е нашето наследство, а V8 моторот има долга историја во трките, па ќе продолжиме со нив.“
Ова не е првпат БМВ да ја потврди својата посветеност на моторите со внатрешно согорување. Минатиот месец, извршниот директор на БМВ, Оливер Ципсе, изјави дека моторот со внатрешно согорување е „темелот“ на брендот и дека компанијата ќе работи на тоа сите мотори, од основните трицилиндарски до најмоќните V8, да бидат усогласени со новите Еуро 7 регулативи. Во време кога автомобилската индустрија забрзано се електрифицира, БМВ се грижи да ја задржи својата спортска традиција.