Филмот „Заедно“ (Together) се соочува со обвинение за авторски права. Имено, продуцентите на „Подобрата половина“ (Better Half) тврдат дека премисата на новото остварување е украдена од нивната љубовна комедија.
Сопружниците од вистинскиот живот, Дејв Франко и Алисон Бри се брачна двојка и во новиот хорор-филм „Заедно“, каде што нивниот одмор добива пресврт кога натприродна сила ги спојува нивните тела. Токму тоа е делот за којшто другата продукциска компанија тврди дека е украден од нивниот филм – „Подобрата половина“ од 2022 година.
Имено, продуцентите Џес Џеклин и Чарлс Бил ги тужат креаторите на „Заедно“, кои наводно го украле концептот на „Подобра половина“, во којшто двојката „се буди и ги наоѓа своите тела физички споени како метафора за меѓузависноста“, според написот во „Ентертејнмент викли“. Уште повеќе, тимот на „Подобра половина“, исто така, тврди дека на агентите на Франко и Бри им била испратена копија од сценариото за учество во „Подобра половина“ во 2020 година, но не добиле одговор.
Тимот на хоророт ги отфрли обвинувањата.
Се чини дека „Подобра половина“ не добива поширока дистрибуција по своето прикажување на фестивал во 2022., па денес и тешко може да се најде трејлер за тој филм на интернет. „Заедно“ ќе се прикажува во киносалите ширум светот од 30 јули.