Илјадници млади лекари што работат во болниците во Англија денеска започнаа петдневен штрајк поради неуспехот на преговорите за зголемување на платите со новата лабуристичка влада на премиерот Кир Стармер.
Штрајкот, кој започна утрово во 7 часот по локално време, ќе доведе до откажување на бројни претходно закажани лекарски прегледи во јавниот здравствен систем НХС, кој веќе е во сериозна криза со огромни листи на чекање и масовно заминување на медицинскиот кадар.
Британската медицинска асоцијација (BMA), синдикатот на лекарите, уште на почетокот на јули ѝ даде на Владата рок од две недели за повторно отворање на преговорите, но тој рок помина без договор.
Младите лекари минатата година, по серија штрајкови, добија зголемување на платите од 22,3 отсто за период од две години. Но, синдикатот тогаш укажа дека нивните плати во реална вредност се за 20,8 отсто пониски во споредба со 2008 година, поради инфлацијата. Сега бараат дополнително зголемување од четири фунти на час (околу 4,5 евра).
Премиерот Стармер вчера, во текст за „Тајмс“, ги повика лекарите да не продолжуваат со „штетниот пат на штрајк“, оценувајќи дека тоа ќе има „огромно влијание“ врз јавниот здравствен систем. Тој го обвини синдикатот за предизвикување на штрајкот и оцени дека тоа е „неправедно кон пациентите“.
Министерот за здравство Вес Стритинг, пак, во колумна за весникот „Телеграф“ обвини дека BMA „не преговарале во добра волја“.
Синдикатот остро ги отфрли овие критики и порача дека „сите карти биле во рацете на Владата за да се спречи штрајкот“. „Не вредиме помалку отколку пред 17 години“, стои во нивното соопштение.
Во јануари 2024 година, младите лекари одржаа најдолг штрајк во историјата на НХС, кој траеше шест дена без прекин.