Во Дојран од денеска до недела се одржува 17. издание на фестивалот „Дојран Д-фест“, во ист формат и стил како и досега.
Според градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, од самите почетоци Фестивалот бил препознат како средиште на прогресивна и автентична музика, но и како место за одмор, релаксација, дружење и уживање во содржините на кампот и убавините на Дојранското Езеро.
-И оваа година Фестивалот ќе биде успешно организиран, со огромен број на посетители, со настап на над сто изведувачи, со организација на камп и активности внатре во кампот. Можам да кажам дека „Дојран Д-фест“ е во својот дом и продолжуваа оваа традиција, бидејќи Фестивалот е препознатлив за Дојран и е синоним за нас. Како Општина правиме се да опстои овој фестивал, рече Ангов.
Од организаторот, „Визуал продакшн“, најавуваат забава на 5 сцени со многу познати и атрактивни изведувачи како што се ДЈ Методи Христов, ДЈ Никифор, ДЈ Мосел, Ареа и Сенида, но и многу други познати имиња.
Уметничката програма на фестивалот во Дојран ќе донесе богата визуелна понуда. Специјално за фестивалот ќе бидат продуцирани и поставени пет уметнички инсталации во кампот, дело на млади автори – Ангела Георгиевска, Анастасија Саздовска, Камелија Каламерникова, Илина Василеска и Озбек Ајваз. Инсталациите ќе се создаваат на лице место, со можност за интеракција и следење на процесот. Ќе биде поставена и изложбата „Заедно дишиме – без хартија“ на Симона Манчева, фокусирана на одржливост и екологија. Ќе се одржат и работилници за уметнички и креативен активизам, кои ќе ја поврзат уметноста со општествената свест. Во завршницата на фестивалот ќе биде изработен заеднички мурал од Прентовиќ Љиља – Електра и Методија Јованов, како симбол на колективно творење и инспирација.
Инаку, Општина Дојран и „Визуал продакшн“ потпишаа Договор за организирање на овој фестивал во наредните пет години и Советот на Општината донесе одлука во последен момент да не може да се дислоцира фестивалот како што се случи годинава.