Соединетите Американски Држави остро го критикуваа соопштението на францускиот претседател Емануел Макрон дека ќе ја признае палестинската држава, нарекувајќи го овој потег невнимателен и штетен за мировните напори, пренесе ДПА.
– Оваа невнимателна одлука служи само за пропагандата на Хамас и го кочи мирот, напиша американскиот државен секретар Марко Рубио на X.
– Овој потег е шлаканица во лице за жртвите на масакрот од 7 октомври, додаде тој.
Макрон синоќа на X соопшти дека има намера формално да ја признае Палестина како држава за време на Генералното собрание на Обединетите нации во септември.
Терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени повеќе од 1.200 луѓе и над 250 беа киднапирани во Газа, ја предизвика војната меѓу Израел и милитантната група во Газа.