Оставката на претседателката на ДКСК Татјана Димитровска до Собранието, треба да биде констатирана на една од наредните седници, по што треба да се состане Комисијата за прашања на изборите и именувања и да донесе одлука за распишување на јавен оглас за нов член на Антикорупциска комисија. Постапката за избор на нов член на ДКСК треба да започне најмногу десет дена откако Собранието ќе ја констатира оставката на Димитровска.
Пратеници од владејачкото мнозинство велат дека постапката најверојатно ќе започне веднаш по констатирање на престанок на функцијата имајќи предвид дека наскоро започнуваат летните одмори, но и роковите за локалните избори во октомври.
Првата наредна седница на која би можело да се констатира оставката на Димитровска е закажана за вторник, 29 јули.
Законот за спречување на коруцпијата и судир на интереси во членот 14 предвидува во случај на оставка на претседател или член на ДКСК, Собранието да констатира престанок на фукцијата.
Во ставот 6 од овој член се наведува и дека во случај на престанок на функцијата или разрешување на претседателот на ДКСК до изборот на нов претседател на комисијата, функцијата на претседател ја врши заменик-претседателот на Државната комисија, со сите должности и овластувања кои ги имал претседателот.
Во членот 7, пак, се наведува дека во случај на разрешување, односно претстанок на функцијата на претседателот, односно членот на ДКСК мандатот, Собранието најдоцна во рок од десет дена започнува постапка за избор на нов претседател, односно член на Државната комисија.
Врз основа на членот 12 став 2 од Законот Во случај на разрешување, односно престанок на функцијата на претседателот, односно член на Државната комисија пред истекот на мандатот, Собранието започнува постапка за избор на нов претседател, односно член на ДКСК во рок од десет дена од престанокот на мандатот.
Постапката за избор на претседател и членови на Државната комисија започнува со објавување на јавен оглас за избор на претседател и членови на Државната комисија, а ја спроведува Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието.
Собранието го објавува огласот на овој член во „Службен весник на Република Македонија” и во најмалку три дневни весници. Рокот за пријавување на кандидати за огласот од е десет дена од денот на објаву вањето на огласот во „Службен весник на Република Македонија“.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието во рок од десет дена од објавувањето на огласот формира Комисија за селекција на канди дати за претседател и за членови на ДКСК. Таа ги проверува документите и ги селектира кандидатите, и во рок од пет дена од објавувањето на листата на овој член, се организира интервју на кандидатите кои ги исполнуваат условите од членот 11 на овој закон кое се емитува на Собранискиот канал.
Во рок од три дена од спроведувањето на интервјуто, Комисијата за селекција утврдува ранг-листа на кандидатите согласно со утврдените критериуми и ја доставува на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, која во рок од два дена, најдобро рангираните кандидати му ги предлага на Собранието во единствена предлог листа за претседател и членови на ДКСК, со образложение за секој од предложените кандидати.
Кои услови треба да ги исполнува кандидатот за претседател или член на ДКСК?
За претседател на Државната комисија може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови да е македонски државјанин и да има постојано место на живеење во земјава, да има деловна способност, да има високо образование со стекнати најмалку 300 ЕКТС или VII/1 степен на образование од областа на правните науки или високо образование со стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен на образование од областа на политичките, комуниколошките или економските науки, да има најмалку десет години работно искуство по завршување на високото образование, од кои најмалку осум години работно искуство во областите на откривање или спречување корупцијата, владеење на правото или добро управување, да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, во последните десет години да не било пратеник во Собрание, член на Владата, да не било донатор на политичка партија или да не вршело функција во органи на политичка партија.
Актуелната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска утрово преку нејзиниот адвокат до Собранието достави оставка на фукцијата, откако минатата недела Обвинителството за гонење организиран криминал и поднесе обвинение за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“ и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна.
Димитровска во оставката се повикува на чл. 14 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување на корупција без друго образложение.
По обвинувањата за Димитровска најнапред во случајот „Адитив“, ДКСК продолжи да одржува седници и да работи, а со неа претседава заменик претседателката Билјана Каракашова Шулев.