Годинава манифестацијата „Парк фестивал“ (The Park Festival) ќе трае три дена и Гостивар ќе биде домаќин на познати и реномирани изведувачи на популарна и електронска музика. Организаторите предвидуваат и дополнителни активности за промоција на млади уметници и перформанси.
Продуцентот и извршен директор, Јетон Вејсели на денешниот брифинг информираше дека седмото издание ќе биде многу атрактивно особено заради неколку истакнати артисти.
– Оваа година на сцената во големиот градски парк ќе настапат Аурела Гаче, со 80-минутно музичко шоу. Ениса – меѓународната ѕвезда која за првпат настапува кај нас, Ил Лимани и Тајна, една од најуспешните артистки на албанската сцена. Особено атрактивна ќе биде првата вечер на која ќе настапат Тони Зен со неговиот оркестар (Revolution Band) и еден од најуспешните македонски ди-џеи Галовски, рече Вејсели.
Тој дополни дека потврдени се настапите на хипхоперот Гето Џизи кој ќе го промовира новиот албум, Александра Јанева и Тамара Волческа.
Покрај овие реномираните артисти, продукцијата Ин-Бокс на The Park Festival 2025 носи и млади таленти со што ја продолжуваат мисијата за нивна промоција на голема сцена.
Манифестацијата ќе трае од 1 до 3 август и по карактер е мултиетничка, поддржана е од Министерството за култура и туризам, општина Гостивар и неколку компании.