Специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, пристигна на местото за дистрибуција на помош во Рафа во јужна Газа, изјави за Си-ен-ен директорот на компанија што работи со дистрибутерот на помош, Хуманитарната фондација Газа.
Вчера, Белата куќа го објави патувањето во Газа на Виткоф и амбасадорот на САД во Израел, Мајк Хакаби.
„Утре, специјалниот пратеник Виткоф и амбасадорот Хакаби ќе патуваат во Газа за да ги проверат тековните места за дистрибуција и да обезбедат план за испорака на повеќе храна и да се сретнат со локалните жители на Газа за да слушнат од прва рака за оваа тешка ситуација на терен“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, на брифингот за медиумите во четврток.
Виткоф и Хакаби „ќе го информираат претседателот веднаш по нивната посета за да одобрат конечен план за дистрибуција на храна и помош во регионот“, рече таа, додавајќи дека Белата куќа ќе даде повеќе детали „откако тој план ќе биде одобрен и договорен од претседателот на Соединетите Американски Држави“.
Ова ќе биде второ патување на Виткоф во Газа. Кратко откако Трамп ја презеде функцијата, Виткоф ја посети енклавата, станувајќи првиот американски функционер што го сторил тоа за повеќе од една деценија.
Вчера Виткоф се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим, една недела откако САД се повлекоа од преговорите за прекин на огнот во Газа, обвинувајќи го Хамас за преговори со „лоша намера“.
Д. Мишев / Цивил Медиа