Оваа година се одбележуваат 122 години од Илинденското востание и 81 година од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.
Со централна прослава на „Мечкин Камен“ во Крушево и со положување цвеќе на повеќе локации низ државата денеска се одбележуваат 122 години од Илинденското востание и Крушевската Република, како и 81 година од Првото заседание на АСНОМ – два клучни столба во македонската државност.
Централната прослава ќе се одржи во Крушево, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Одбележувањето ќе почне со положување цвеќе на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите на месноста „Слива“, по што ќе се одржи панихида во храмот „Св. Никола“.
Претседателката Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе и на „Мечкин Камен“, каде ќе има и свое обраќање.
Чествувања ќе се одржат и во Скопје, каде премиерот Христијан Мицкоски ќе положи цвеќе на споменикот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев пред зградата на Собранието, на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ и на споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто на плоштадот „Македонија“.
Одбележувањето на 81-годишнината од Првото заседание на АСНОМ ќе се одржи во Меморијалниот центар во Пелинце на која ќе присуствува потпретседателката на Собранието Весна Бендевска.
Државната делегација предводена од потпретседателката на Собранието Бендевска ќе го одбележи 2 Август – Илинден и во манастирот „Прохор Пчински“, кој има посебно значење во историјата на македонската држава.
Цвеќе пред спомен-обележјата во Крушево, Пелинце и Скопје ќе положат и собраниски делегации, како и делегации на политички партии.