Суд во Ново Мексико (САД) ја отфрли контратужбата поради злонамерен прогон, поднесена од глумецот Алек Болдвин против луѓето вклучени во поднесувањето кривични обвиненија против него за смртта на снимателката Халина Хачинс на снимањето на филмот „’Рѓа“ во 2021 година. Судијката Кејси Фич ја отфрли тужбата поради „недостаток на значаен потфат“ во тој случај во текот на изминативе 180 дена.
Болдвин ги тужеше специјалниот обвинител Кари Морисеј, окружниот обвинител Мери Кармак-Алвис, истражителите на шерифот на Округот Санта Фе и други јавни службеници во јануари, обвинувајќи ги за злонамерна злоупотреба на процесот, клевета и лошо ракување со докази. Во контратужбата се тврди дека обвинителите и други вклучени во случајот се впуштиле во заговор да изградат кривична постапка против Болдвин од политички и лични причини, обвинувајќи го за убиство од небрежност за смртта на снимателката Хачинс. Вчерашното еднострано решение, им овозможува на двете страни да побараат повторна постапка во рок од 30 дена.
Адвокатот на Болдвин не одговори веднаш на барањето за коментар за отфрлањето на тужбата.
Граѓанската тужба на глумецот уследи по отфрлањето на кривичната постапка против него во јули 2024 година. Судот тогаш пресуди дека специјалниот обвинител и канцеларијата на шерифот намерно ги сокриле доказите за тоа како куршумот што ја уби Хачинс и го рани режисерот Џоел Соуза влегол во пиштолот.
Нејзината смрт – прва таква трагедија на снимање филм по речиси 30 години, ја шокираше филмската индустрија и предизвика повици за промени во правилата за безбедност и користење огнено оружје во филмските продукции.
Хачинс беше убиена кога Болдвин насочи пиштол кон неа за време на пробата во близина на Санта Фе, Ново Мексико, т.е. го репетираше и пиштолот испука вистински куршум. Пиштолот – реплика на воен револвер од 1873 година, бил ненамерно наполнет од Хана Гутјерез, која била задолжена за оружјето на снимањето. Гутјерез беше прогласена за виновна за убиство од небрежност и осудена на 18 месеци затвор. Болдвин, кој беше и продуцент на „’Рѓа“, вели дека отсекогаш тврдел дека не требало во никој случај да се дозволат вистински куршуми на снимањата и дека тој не е одговорен за безбедноста на оружјето.