Со македонска премиера на краткометражниот оскаровски филм „Јас не сум робот“ на Викторија Вармердам и „Мечокот по име Војтек“ на Ијан Гарднер, добитник на наградата БАФТА, синоќа во Националната установа Центар за култура „Антон Панов“, свечено беше отворено јубилејното 20-то издание на меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“.
Специјалната награда – плакета за врвни актерски остварувања, му беше доделена на Емил Рубен, еден од најмаркантните македонски актери, кој со емотивен говор се осврна на своето 70-годишно филмско искуство. Наградата му ја врачи основачот и директор на фестивалот, Горан Тренчовски.
Во рамки на фестивалот, денеска се одржува традиционалната посета на филмските гости во Манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“ во Велјуса, а вечерните проекции продолжуваат во Амфитеатарот во Градскиот парк, каде ќе се прикажат балканската премиера на „Самотија“ на Бошко Боби Грубиќ, „Сок од портокал“ на Александар Атане, „Браќа по застава“ на Пеп Стојановиќ, „Лаеж“ на Бранислав Милатовиќ, „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска, како и избор од македонската продукција.
Во „Јуроп хаус“ утре ќе се одржи промоција на новото коло од едицијата „Словенски Орфеј“, а вечерта ќе биде прикажана дигитализираната копија од филмот „Писмо“ на Васил Христов, во чест на Емил Рубен и по повод 25 години од неговото снимање.
Фестивалот „Астерфест“ ќе трае до 8 август, под мотото „Филмски крстопати“, со фокус на авторскиот филм и регионалната креативна сцена.