Помина една година откако ВМРО-ДПМНЕ најави формирање на Министерството за социјална политика, демографија и млади, наместо резултати – младите добија уште едно големо разочарување, се наведува во денешното соопштение на Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ, од изјава за медиуми на потпретседателката на СДММ, Стефанија Кузмановска.
Наместо функционална институција што ќе ги слуша, ќе ги вклучува и ќе им служи, добија уште една нефункционална испостава на власта на ВМРО-ДПМНЕ.
Ништо од ветените промени. Ништо од системските решенија. Само бирократија, хаос и игнорирање на младите, нивните потреби, се нагласува во соопштението.
Министерството не е ниту кадровски ниту програмски комплетирано, нема преземено ниту дел од законските надлежности, а нема ниту план за тоа што треба да прави.
Тоа е класична формула на ВМРО-ДПМНЕ: повеќе пари – помалку резултати.
Министерството е глуво за младите. Неосновани селективни процеси, нетранспарентност во избори на претставници, игнорирање на организациите кои ги застапуваат младите – тоа е реалноста денес.
Со оваа Влада, бројот на локални младински совети опаѓа. Стратегиите за млади – изостануваат. Младинските центри – заборавени. Законот за младинско учество – не се спроведува, соопштуваат од СДСМ.
Ова не е само институционален застој – ова е намерно маргинализирање на младите. Ова е јасен доказ дека ВМРО-ДПМНЕ нема политичка волја за вистинско подобрување на младинските политики.
После една година власт на ВМРО-ДПМНЕ, младите во Македонија живеат потешко и полошо. Ги бројат парите од месец за месец и сè почесто го гледаат спасот надвор од државата.
СДММ се приклучува на барањата на младинскиот граѓански сектор и бараме продолжување на рокот најмалку до крајот на август, јавна промоција на повикот и структуриран дијалог со младинските организации.
Јавно повикуваме на итно преземање на надлежностите од Агенцијата за млади и спорт, согласно законските одредби, усвојување на сите неопходни подзаконски акти за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики.
Активна поддршка и отпочнување на процесите за воспоставување на Националното собрание на млади и Националното советодавно тело.
Прекин на праксата на селективни, партиски и нетранспарентни процеси за номинација на младински претставници.
Младите не се статистика, младите не се алатка за ПР. Младите се иднината на оваа земја.
А таа иднина, со односот на оваа власт, се губи секој ден, се наведува во соопштението од СДСМ.