ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result

Никола Бадев, бардот на македонската народна песна – Момите лудувале по него и по неговиот кадифен глас

August 9, 2025 12:49
in ДЕНЕС, МАГАЗИН

Момите лудуваа по баце Коле и по неговиот кадифен глас. Имав осум – девет години кога баце Коле беше ерген, во цутот на неговата младост и кога девојките се тепаа за него и сакаа да му бидат во близина.

Токму со овие зборови, пред повеќе од осум години, за легендата на македонската народна песна, Никола Бадев, ни раскажуваше неговиот брат Димитар, тогаш на возраст од 87 години.

– Една мома тргнала бегалка по него, друга му рекла на вујка си дека ќе скокне во Луда Мара заради Колето. Вујкото, пак, го сретнал татко ми, кој беше инвалид од Првата светска војна и му рекол: „Бери си умот, ќе се удави девојчето за син ти“, ни раскажа тогаш Димитар.

Тој потврди дека доајенот на македонската народна песна, човекот со кадифен ангелски глас, не бил само врвен пејач, добар свирач и фудбалер, туку и омилен ерген кај многу девојки од неговото родно Кавадарци, Тиквешијата и на многу други места на кои настапувал.

Бадев освојува со мекамлиски глас

Никола Бадев е една исклучителна појава во интерпретирањето на македонската изворна песна, беше и остана човек од народот и негов исклучителен претставник. Никола Бадев, бардот на македонската народна песна, освојува со неговиот мекамлиски, мек и милозвучен глас.

– Роден бил во селото Глишиќ, Кавадаречко, на 8 август 1918 година, во земјоделско семејство. Со неполни 10 години започнал скришум да свири на виолина, а во неговите почетоци во музичката наобразба многу му помогнал неговиот вујко Васил Неделков, кој пак самоук свирел на неколку музички инструменти, споделува историчарот Мики Камчевски, професор по историја во основно училиште во Кавадарци.

Уште како млад, како и поголемиот дел од младите луѓе, го сакал многу спортот, особено фудбалот, а во фудбалскиот клуб „Југославија“, играл на местото десно крило. Никола се оженил релативно млад и во бракот со Милка им се родени три деца. Ристо, Роска и Сузана. Воениот рок го служел како војник на старата југословенска војска, каде го затекнал и почетокот на Втората светска војна. Бил симпатизер на народно ослободителното движење, а во редовите на НОВ се вклучил во септември 1944 година, како борец – болничар во Втората македонска ударна бригада.

По завршувањето на војната, Никола завршил курс за медицински техничари и болничари и се вработил како санитарен инспектор – хигиеничар во Кавадарци. Во Кавадарци и пошироката околина, Никола Бадев веќе бил познат како пејач, а неговиот убав и пријатен мекамлиски глас, многумина кавадарчани сакале да го слушнат на свадбите и другите организирани забави и другарски вечери во Кавадарци.

– По освојувањето на првото место на Фолклорниот фестивал во Скопје во 1948 година, Никола Бадев оставил многу силен впечаток кај големиот македонски етномузиколог и мелограф Васил Хаџи Манов. Со негова препорака и по негова сугестија, Никола ја започнал својата професионална кариера како пејач и инструменталист на тамбура во 1950 година. Набргу потоа, тој станал и член на Народниот оркестар, а нешто подоцна и негов раководител. Забележан од тогашните познати македонски етномузиколози, Никола Бадев набргу станал и член на Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“ од Скопје, со коj го афирмирал македонскиот мелос ширум светот, вели Камчевски.

За потребите на Радио Скопје, Никола Бадев има снимено повеќе од 500 македонски народни песни, меѓу кои и антологиските: „Збогум мајко, јас отидов“, „Ој Јано Јано“, „Параходот ми пристигна“, „Тешка беше нашата разделба“, „Билјана платно белеше“, „До три ми пушки пукнаа“, „Ферман дојде џанам од Стамбола“ и други. Никола има снимено дуети со Анка Гиева, Васка Илиева, Есма Реџепова, Благој Петров – Караџуле, Александар Сариевски и други.

– Својата прва грамофонска плоча, Никола Бадев ја снимил за продукцијата на грамофонски плочи „Југотон“, а тоа била песната „Тешка беше нашата разделба“. Никола Бадев е една исклучителна појава во интерпретирањето на македонската народна песна. Тој беше и остана човек од народот и негов исклучителен претставник. Со неговото вклучување во ансамблот на Радио Скопје, талентираниот народен пејач го изградил и култивирал својот исклучителен глас. Во тоа многу му помогнале етномузиколозите Васил Хаџи Манов и Живко Фирфов, со што успеале да го издигнат до највисок степен афирмирањето на изворниот народен мелос, додава Камчевски.

За време на својата долга и плодна кариера, Бадев бил добитник на голем број награди и признанија, меѓу кои и тиражните сребрена и златна плоча на РТВ Белград. Умрел во Скопје на 25 септември 1976 година, на 58-годишна возраст.

„Песната е мојот живот, живеам за неа и преку неа“

Ова се зборовите на големиот народен уметник, легендата на македонската изворна народна песна, Никола Бадев, на кои потсетува Томе Крстевски, виш кустос етнолог во Музеј куќата на мирис и вкус во Кавадарци, автор на спомен – собата во чест на Бадев.

– Иако физички не е меѓу нас, живее преку песната, живее во сеќавањата на неговите современици, живее во срцата на сите љубители на македонската народна песна, споделува Крстевски.

Притоа, потсетува дека родното место на уметникот, Глишиќ, е место каде што луѓето ги красат питомост, ведрина и надареност за песна и свирка.

– Во оваа прекрасна средина озарена од Сонце и топлина, во милје од бавчанџилак, тутун, гроздобер, афион, свадби, ора, серенади, песнопојни родители, стрини, вујковци… песната ја богатеше неговата детска душа… зрееше и се оформуваше уметникот во него. Во 1948 година, веднаш по аудицијата за млади таленти, Бадев дебитирал на програмата на Радио Скопје со што започнала неговата блескава кариера како уметник и стана една од легендите на интерпретаторите и афирматорите на македонската народна песна, додава Крстевски.

Репертоарот на Никола Бадев е обемен и разновиден. За музичката продукција на Радио Скопје, односно МРТВ има снимено над 200 песни со најразлични содржини и околу 100 грамофонски плочи за дискографските куќи од поранешна СФРЈ, како и во земјите во кои живеат македонски иселеници.

– Со исклучителен сензибилитет ги испеа македонските најлирски песни, нè водеше по сокаци, на чардаци, ни пееше за копнежот на вљубените, оживуваше ликови, војводи и народни херои, продре меѓу народот со својот кадифен глас. Ја обиколи земјата и светот многупати, беше вистински народен пеач, национално име, ја имаше таа сила да возбуди и расплаче со интерпретацијата на македонските песни, вистински мали химни од мерак, љубов, елегија и носталгија. Никола Бадев е исклучитена личност, интерпретатор кој високо ја крена и ja прослави македонската народна песна и со тоа остави неизбришливи траги во македонското културно наследство. Испеаните песни се молитва и огледало на неговата душа. Тивко пееше, далеку се слушаше, споделува Крстевски.

На пет години качен на столче им пеел на кавадаречките еснафи

МИА ги има забелешките нотирани во ракопис, од сега веќе починатиот кавадарчанец Илија Неделков – Ограјски, прв братучед на Бадев. Во една прилика, самиот тој ни ги даде, а читајќи ги, се чини дека од секоја буква, од секој збор, извира љубовта, почитта и благодарноста, за целото културно богатство и наследство што ни го остави Никола. Осврнувајќи се на биографијата на својот познат близок роднина, тој напишал дека потекнувал од музикално семејство. Неговата мајка Сута убаво пеела, а вујкото на Никола свирел на повеќе инструменти.

На петгодишна возраст знаел многу песни, та чаршиските еснафи го качувале на столче, му давале бонбонче, чоколатце, што се вели, само и само да им пее како славејче. Како дете од рекинското маало играл на газози, на петелки, клиса и други игри. На десетгодишна возраст, почнал да учи да свири на виолина. Прв учител му бил вујко му Васил. Кога почнале да се загледуваат девојки во него, тој веќе свирел на виолина, на брач, пеел серенади, на свадби, бил член на играорна група, градски хор, играл фудбал како десно крило.

Во овој со печатни букви испишан текст, Неделков има споделено, што рекле одредени личности, познати и непознати за јавноста, за неговиот славен близок роднина. Соученик кажал дека Бадев станал врвен пејач, но, иако многумина пејачи ги пееле и ги пејат неговите песни, ретко кој го постигнал неговиот глас. Другар од детството, рекол дека Бадев имал извонредна техника на гласот, имал такви полутонови, што инструментот не може да ги фати.

– За Коло Бацето, како што го викавме, можам да кажам дека е нашата младост и живот, нашата песна, изјавил Љупчо Бакев, другар на Никола.

Фотографот Ване Малинков, рекол дека Бадев го направил Кавадарци град на песната, го разубавувал животот, што не бил лесен во време на сиромаштија, бил жонглер фудбалер.

Инспекторот по хигиена, Лазо Мукаетов, споделил дека сите сакале да бидат со Бадев, бидејќи неговата песна била празник на душата.

На репертоарот, Бадев имал над 500 песни. Бил и композитор, собирач на народни песни, раководител на фолклорен ансамбл, самоук механичар, љубител на стари автомобили.

Има многу интересни размислувања за Никола, меѓу кои и тој на хирургот, доктор Влајко Гурев.

– Пред да го оперирам, легнат на операциониот стол, ни ја испеа песната, „Чуј докторе што си се надвиснал над мене“. Бадев со песна ја победи болеста, со песна го продолжи својот живот, со песна ја победи дури и смртта. Никола Бадев, за мене е, исто што и народната песна за Македонија, рекол хирургот.

И навистина, тој хируршки, доста прецизно, ја кажал најголемата вистина за музикалниот Коле, роден во крајот каде се раѓа најубавото грозје, а од него се прават најубавите вина и ракии, а се дегустираат со убава песна. Дека, со песна, Бадев ја победи дури и смртта.

Светлана Дарудова / МИА

Tags: Никола Бадев
Next Post

Филков: Интерпелацијата за Коцевски е силен показател за тоа во кој правец би требало да се движат работите

НАЈНОВО

ДИК го утврди упатството за утврдување на цените за платено политичко рекламирање во медиумите за локалните избори

August 9, 2025
Фото: Скриншот

(ВИДЕО) Инцидент за време на протестот во Кочани: Возило им го пресекло патот на родителите на загинатите

August 9, 2025

ДИК го усвои календарот за локалните избори: Поднесување листи на кандидати до 13 септември, кампањата ќе почне на 29 септември

August 9, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Бранко Тричковски (фото: Чедо Поповски)

    Окупација во 45 слики

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) Скандал во Демир Хисар – Адвокатот Стеваноски: Еве како се менува доректорка на средно училиште пред распишување на избори

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Почина новинарката Јулијана Тануровска

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) Инцидент за време на протестот во Кочани: Возило им го пресекло патот на родителите на загинатите

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Локални избори – шанса за поправен испит за нашата зрелост како нација и држава

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk