Граѓанската иницијатива „Зелен Хуман Град“ остро реагира на одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) да го стави вон сила Правилникот за собирање потписи за независни кандидатури, оценувајќи дека со тоа целосно се укинува законски регулираната можност независните кандидати да учествуваат на избори.
„Во моментов, единствено партијата како механизам е законски уреден начин за излегување на изборите, кој важи еднакво за сите и не може да биде побиен ниту оспорен од ниедна институција,“ наведуваат од ЗХГ.
Од иницијативата изразуваат „огромен револт“ од, како што велат, произволното толкување на законите од страна на поединци, кои или се членови на партии или партиите ги именувале на функциите.
Тие потсетуваат дека уште пред месец и половина доставиле барање до Собранието за автентично толкување на Изборниот законик во делот за учество на независни кандидати, но одговор сè уште нема.
„Денес некои изјавуваат дека нема потреба да се собираат потписи и секој што сака може да се кандидира, а утре истите тие може да одлучат дека тоа е недопуштено или да ги поништат изборите,“ предупредуваат од ЗХГ, оценувајќи го однесувањето на институциите како „дефиниција за правна несигурност“.
ЗХГ апелира до граѓаните да помогнат во собирањето на минимум 1.000 потписи за основање партија, за да можат да учествуваат на изборите.
Во пораката до владејачките партии, активистите порачуваат:
„Над 30 години платени со нашите пари го газите сонот за подобро утре. Ќе влеземе во советите и во Собранието, и еден по еден ќе ве отстрануваме додека не остане ниеден да паразитира врз грбот на народот.“