Во огромни области на јужен и источен Тајван од вчера се суспендирани сите активности во очекување на тајфунот „Подул“, објавија британските медиуми, прецизирајќи дека стотици летови се откажани, а речиси 5.000 луѓе се евакуирани.
Островот редовно е погоден од тајфуни, особено по должината на неговиот ретко населен, планински источен брег, што се наоѓа на Тихиот Океан, соопштија британските медиуми.
Умерениот тајфун „Подул“, придружен со налети на ветер до 191 километар на час, се упати кон југоисточниот град Тајтунг и се очекуваше вчера да го погоди Тајван, соопштија метеоролозите.
„Се очекува тајфунот да предизвика разорни бури. Најдете место за престој во затворен простор“, се наведува во СМС-пораката што вчераутро беше испратена до жителите во областа Тајтунг. Налети на ветрот од над 150 километри на час се прогнозираат во наредните часови.
Девет градови и околните региони прогласија слободен ден од работа и училиште. Властите, исто така, ги евакуираат жителите чии домови беа уништени од тајфунот „Данас“ што минатиот месец го зафати островот.