Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) ги потсетува сите граѓани кои ги исполнуваат условите дека рокот за поднесување барања за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија истекува на 31 август 2025 година. Со оваа програма се обезбедува финансиска поддршка од 1.000 денари месечно, во траење од 12 месеци, преку директно намалување на сметките за електрична енергија.
-Право на аплицирање имаат домаќинства: со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, домаќинства со најтешка телесна попреченост, домаќинства со потполно слепо лице и домаќинства со потполно глуво лице. Едно лице може да поднесе само едно барање за едно домаќинство, посочуваат од Министерството.
Потребна документација: Пополнето барање (Обрасци 1, 2, 3 и 4 – според категоријата – домаќинство со едно или повеќе лица со попреченост со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице); Изјава за веродостојност на податоците, заверена на нотар; Фотокопија од решение за стекнато право на корисник на посебен додаток; Фотокопија од последна сметка за електрична енергија за 2024 година; Фотокопија од лична карта на барателот; Фотокопија од лична карта за полнолетни лица, извод од матична книга на родени за малолетни лица, извод од венчани, потврда за развод или посмртница за член/членови од домаќинството) .
-Изјавата за веродостојност и обрасците се достапни на веб-страницата на Министерството, во делот „Јавни огласи“ (www.energy.gov.mk). Документацијата може да се достави лично во Министерството за енергетика, на адреса: ул. „Македонија“ бр. 27 – 1000 Скопје, или по пошта, за граѓаните од внатрешноста, прецизираат од Министерството.
Повеќе информации, додаваат, може да се најдат на www.energy.gov.mk или на телефоните за контакт 071 319 074 и 070 381 162 секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот или, пак на електронската пошта : ranlivipotrosuvaci@energy.gov.mk.