Основачот и фронтмен на американскиот метал-бенд „Мегадет“ (Megadeth), Дејвид – Дејв Мастејн објави дека претстојниот албум и турнејата во 2026 година ќе бидат последни за овој состав кој постои над четири десетлетија.
Во објавата на својот интернет-простор, Мастејн вели: „Има толку многу музичари кои дошле до крајот на својата кариера, без разлика дали случајно или намерно. Повеќето од нив не успеваат да се искачат до врвот по свои услови, и тоа е местото каде што сум јас во мојот живот во овој миг. Патував низ светот и стекнав милиони и милиони обожаватели, а најтешкиот дел од сѐ тоа е да се збогуваме со нив. Едвај чекаме да го слушнете овој албум и да нè видите на турнеја.“
Тој натаму истакнува дека ова е совршено крајно време да издадат нов албум.
„Ако некогаш има совршено време за турнеја во светов, тоа е сега. Ова е исто така совршено време да ви кажеме дека ова е нашиот последен студиски албум. Стекнавме многу пријатели во текот на годините и се надевам дека ќе ве видам сите на нашата глобална проштална турнеја. Немојте да се лутите, немојте да бидете тажни, бидете среќни за сите нас, дојдете да славите со мене во следните неколку години. Направивме нешто заедно што е навистина прекрасно и веројатно никогаш веќе нема да се случи. Започнавме музички стил, започнавме револуција, го променивме светот на гитарата и начинот на којшто се свири… И го променивме светот. Бендовите во кои свирев влијаеја на светот. Затоа ве сакам сите. Ви благодарам за сè“, подвлече Мастејн.
„Мегадет“ е основан во 1983 година, откако Мастејн беше исфрлен од „Металика“, метал-бендот каде што тој беше со-основач. Го издадоа својот прв албум следната ’84 година, но станаа хит во 1986., со колекцијата „Мир се продава… Но кој купува?“, откривајќи политички став под влијание на панк-музиката, коешто оттогаш остана кај групата.