Израелско-американската глумица Гал Гадот тврди дека тоа што многу нејзини колеги говореле против Израел, и тоа што таа е Израелка одиграло улога во неуспехот на играниот филм „Снежана“ на „Дизни“ од оваа година. Таа смета оти „многу такви работи се случиле“ и во други различни индустрии, па и во Холивуд.
– Бев сигурна дека овој филм ќе биде голем хит, а потоа се случи. Но, постои притисок врз познатите личности да зборуваат против Израел. Секогаш можам да објаснам и да дадам контекст на она што се случува тука, и секогаш го правам тоа, но на крајот на краиштата, луѓето донесуваат свои одлуки, рече таа.
Гадот додаде дека е разочарана што тоа „навистина влијаело на филмот“ и затоа не минал добро на бокс-офисот.
Од друга страна, пак, еден од најгласните противници е еврејско-американскиот конзервативец Бен Шапиро, кој како и бројни други Јутјуб-критичари, вели дека овој филм е „воук“ и „претерано левичарска пропаганда“. Некои други одат дотаму што го нарекуваат и „прокомунистичка“ пропаганда, поради општествениот поредок на идеализирана колективна сопственост откако „лошата кралица“ е детронирана во приказната.
Други извори претходно објавуваа дека Гадот и нејзината колешка Рејчел Зeглер биле во расправија на снимањето на филмот. Зeглер, имено, редовно ги потсетува своите следачи дека Израелците вршат геноцид врз Палестинците, a oд друга страна, Гадот служела рок во израелската војска и ги брани позициите на својата земја.
Просечната оценка на „Снежана“ на ИМДБ е 2,1 /10, од засега вкупно 386.000 гледачи кои го оцениле филмот.