Најмалку 30 лица загинаа, а неколку други се повредени откако обилните дождови предизвикаа лизгање на земјиштето во северниот индиски регион Џаму и Кашмир, се наведува во вчерашните извештаи на локалните медиуми, пренесени од ДПА.
Неколку тела се пронајдени откако вчера попладне дојде до свлечиште на земјиште во близина на популарното хиндуистичко светилиште Ваишнодеви во областа Катра, изјави висок полициски службеник Парамвир Синг, цитиран од весникот „Тајмс оф Индија“.
Во тек се операциите за пребарување и спасување, пренесува ДПА.
Дождот во регионот Џаму предизвика прекин во железничкиот и патниот сообраќај, а запрено е и годишното поклонение на верниците во светилиштето Ваишнодеви.
Обилните дождови во сезоната на монсуни предизвикаа ненадејни поплави и лизгање на земјиштето во северните ридски држави на Индија, предизвикувајќи смртни случаи и сериозни штети на инфраструктурата.
Според официјалните податоци, од 1 јуни досега во инцидентите поврзани со монсуните во Индија загинале најмалку повеќе од 1.200 лица. Тие вклучуваат смртни случаи од лизгање на земјиштето, давење, уривање на куќи и инфраструктура, громови и паѓање дрвја.